
Државната изборна комисија (ДИК) ги разгледа и ги одби како неосновани сите 16 приговори што беа поднесени за постапките за гласање и сумирање на резултатите од гласањето на локалните избори во општините Брвеница, Шуто Оризари и Карпош. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека денеска ќе бидат изготвени поединечните одлуки за секој приговор и ќе бидат доставени до подносителите.
Кондарко додаде дека Комисијата ќе ги почека законските рокови за евентуални тужби до Управниот суд во наредните 24 часа, по кои, доколку ги има, Судот е должен да постапи во 48 часа по приемот.
Тоа значи дека најдоцна до крајот на викендот ќе ги имаме и одлуките на Управниот суд доколку има тужби. Доколку нема тужби, во првиот момент кога ќе истечат роковите, односно кога одлуките ќе бидат конечни, ДИК ќе излезе на седница со објавување на конечните резултати за општините Брвеница, Шуто Оризари и Карпош“изјави Кондарко.
За Шуто Оризари беа поднесени 13 приговори, од кои 10 од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а три од Сојузот на Роми. Два приговора поднесе коалицијата „Искуство за успех“ за две избирачки места во Општина Карпош, а приговор до ДИК поднесе и кандидатот за градоначалник на Брвеница од ВЛЕН, Хаким Рамадани. Државната изборна комисија ги одби сите како неосновани.

Македонски







