Skip to main content

Наградата „Оливера Николова“ за 2025 за романот „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски

Книжевната награда „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади која оваа година ја доби писателот Ермис Лафазановски за романот „Џинџуџе“ вечерва ќе биде доделена во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е установена од издавачката куќа „Арс Ламина“на 11 март 2025 година, на денот на раѓањето на Оливера Николова – првиот без нејзино физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година.

На првиот конкурс, како што информираат организаторите, пристигнале 38 ракописи од 37 автори, а во најтесниот избор бил и романот „Сам во рој“ од Иван Дричко, псевдоним на Сашо Кокаланов.

„Џинџуџе“ е прво дело за деца и млади од Лафазановски, во кое преку модерна бајка се истражуваат теми како среќата, пријателството и предизвиците на современиот живот. Главните ликови – џинот и џуџето – се претставени како едно суштество, симболично наречено „Џинџуџе“, кое функционира преку контрастите: физичка сила и интелектуална супериорност, големина и ситност, хумор и емотивност. Романот е збогатен со илустрации од Здравко Гиров и е објавен од „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Во меѓувреме, распишан е и вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за 2026 година, кој трае до 11 јануари. Авторите можат да испраќаат необјавени романи за деца и млади на адресата [email protected].

Поврзани вести