
На пригодна свеченост во салата на Советот на Општина Гостивар, беа врачени уверенијата на кандидатите за членови на советот кои добија мандати на последните локални избори. Овој состав ќе биде помалуброен од претходниот заради резултатите од пописот и помалиот број на население, па наместо досегашните 31, општинскиот совет ќе брои 23 членови.
Уверенијата им ги врачи претставник на ДИК и на сите им посака успешна работа.
Според мандатите, најмногу места 12 има коалицијата НАИ, „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 5, ВРЕДИ освои 3, Демократската партија на турците во Македонија 2 и Коалицијата предводена од СДСМ едно место. Носителот на листата од коалицијата ВРЕДИ Башким Хасани се откажа од мандатот заради конфликт на интереси и неговото место го зазеде Аљбин Дерала.
Според податоците од ДИК, во Гостивар листата на НАИ освои 12.750 гласа, ВМРО-ДПМНЕ 4.982, ВРЕДИ 3.127, ДПТМ 2.665 и СДСМ 1.169 гласа. Останатите партии кои имаа свои советнички листи за гостиварскиот совет добија помалку гласови од минимумот и не влегуваат во Советот.
Поради недоволна излезност на гласањето во Гостивар за градоначалник, изборите ќе се повторат.

Македонски







