
Властите во индиската престолнина спровеле тестови за „сеење облаци“ со цел да предизвикаат дожд над градот Њу Делхи, обвиен во смог, но шансите за успех се мали поради ниската влажност во атмосферата.
Сезонското горење на остатоци од посеви од страна на земјоделците, издувните гасови од густ сообраќај, индустриските емисии, согорувањето отпад и ниските температури со слаб ветер предизвикуваат остро зголемување на загаденоста секој октомври и ноември.
Под водство на научници од Индискиот технолошки институт (ИИТ) во Канпур, авион тип Цесна прелета над одредени области и ослободи хемикалии во облаците за поттикнување врнежи, соопшти министерот за животна средина на Делхи, Манџиндер Синг Сирса.
Сеењето облаци подразбира внесување хемиски супстанции во облаците за да се стимулира кондензација и дожд. Авинот ослободувал сребрен јодид и солени честички, прецизира Сирса.
Тестовите ќе продолжат до четврток за да се утврди дали може да се предизвика дожд. Според министерот, моменталната влажност на облаците е само 15 до 20 проценти, но доколку експериментот биде успешен, ќе се изготви план за редовна примена.
Научниците од ИИТ Канпур сметаат дека дожд може да се појави 15 минути до четири часа по интервенцијата, но други експерти предупредуваат дека без доволно влажни облаци методот не може да создаде врнежи и дека ефектот, дури и кога е успешен, е само привремен.
Во напис за весникот Хинду, климатолозите од ИИТ Делхи, Кришна Ачутарао и Шахзад Гани, предупредија и на можни ризици за почвата и водите од повторена употреба на хемикалии.

Македонски








