
Промената во сметањето на времето од летно во зимско и обратно, не прави некоја посебна разлика за бизнисот, многу побитно е тоа што се уште не сме усогласени во однос на божиќните празници кои различно се одбележуваат согласно јулијанскиот и греогоријанскиот календар, оценуваат стопанствениците.
Дел од нив, пак, повторно укажуваат на потребата да се работи и во недела.
Реално, промената од еден час порано или подоцна не е некоја голема разлика што суштински би се одразила врз бизнисот. Всушност, усогласеноста околу јулијанскиот и греогоријанскиот календар е сериозно прашање. Тоа е голем проблем, а не гледам на повидок некое решение. Божиќ кај нас се слави на 7 јануари, додека секаде низ западниот свет и останатите земји освен Србија и Русија, се слави на 24 декември. Сите западни земји од 24 декември до Нова година не работат, а ние работиме и потоа обратно, тие работат на 7 јануари, а ние не. Практично, се губи цел месец. Се губат околу 30 дена во однос на деловните активности и тука имаме сериозни штети. Се работи за сложена црквено-политичка одлука која не знам како би се изменаџирала, а апсолутно не зависи од бизнисот – вели за МИА претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) Горан Ѓорѓиевски.
Утре рано наутр почнува зимското сметање на времето. Стрелките на часовникот во 03:00 часот по полноќ ќе се поместат еден час наназад, па наместо три, ќе биде два часот.
Во Македонија важи средноевропското зонско време.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.
Освен кај нас, зимското сметање на времето го применуваат и поголем дел од државите на европскиот континент, освен Исланд, Русија и Белорусија. Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година, но Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука.
Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.
Извор: МИА

Македонски








