Skip to main content

Нема да дозволиме граѓаните да патат затоа што некој немал ум кога преземал обврски, вели Тошковски за замената на регистарските таблички

Факт е дека сите регистарски таблички на возилата ќе треба да се усогласат со правилникот и со законот, но факт е дека во оваа ситуација не се криви граѓаните поради тоа што некој насила им ги замени табличките. Не се криви граѓаните, а да, треба да се почитува законот. Согласно закон ќе најдеме начин и модул како сето ова да помине во една правична постапка за граѓаните. Сигурно нема да дозволиме граѓаните да патат затоа што некој немал ум на времето кога преземал одредени обврски.

Ова го порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето на емисијата „Топ тема“, прашан за обврската која вели дека од први јануари, регистарските таблички на возилата мора да бидат со ознака „НМК“.

Тошковски посочи дека МВР го направило она што можело да се направи – бил заменет правилникот за налепниците да бидат бесплатни и на многу наврати било повикано да бидат заменети. Прашан дали граѓаните кои ги регистрирале возилата, а не добиле налепница, може слободно да се јават до станиците за технички преглед и да си побараат, Тошковски рече, „апсолутно да“

За тоа дали полицијата ќе казнува по Нова година, Тошковски, посочи дека МВР нема исклучиво утврдени правила на игра согласно закон, според кои би морало репресивно да делува во насока начин на изрекување на парични казни.  

Во делот на казнување постои и друг механизам, кој што МВР може да го употреби, а тоа се соодветни опомени. Сметам дека македонскиот граѓанин, не е должен да ја плаќа последицата на тоа што некој немал ум пред неколку години и „чкрапнувал“ се што му било оставено на маса… Зборувам за реалност, којашто е наследена како таква. Да, законот мора да се почитува, но притоа државата мора да биде одговорна спрема своите граѓани, изјави Тошковски.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР), претходно соопштија дека краен рок за замена на регистарските таблички со нови или на истите да залепи налепница НМК, е 31 декември годинава.

Тоа значи дека регистарските таблички со четири броја кои ја содржат ознаката МК и регистарски таблици со три бројки кои не ја содржат ознаката МК треба да бидат променети со нови регистарски таблици кои ја содржат националната ознака „НМК“‘” или на истите да се стави налепница, велат од МВР.

Налепници „НМК“ може да се обезбедат во сите станици за технички преглед.

До февруари годинава, имаше законска обврска да се сменат сите лични документи на кои наместо името Република Македонија, треба да стои новото уставно име Република Cеверна Македонија, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција. Во февруари годинава, МВР го продолжи рокот за замена на налепниците на регистрарските таблички, како и на возачките дозволи со Cеверна Македонија откако Владата предложи измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои беа усвоени во Собранието.

Поврзани вести