Skip to main content

Кампањата за локалните избори 2025 влегува во последната седмица, партиите со своите активности на терен

На една седмица од Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, политичките партии, коалициите и независните кандидати продолжуваат со претставување на своите програми и кандидати пред граѓаните. Денеска се најавени митинзи и директни средби во повеќе општини низ државата.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ги претстават своите кандидати во Чучер-Сандево, Свети Николе и Штип, додека СДСМ има најавено активности во Ново Село, Босилово, Василево, Радовиш и во Струмица.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе се обрати на прес-конференција што ќе се одржи во 10:30 часот во неговиот Штаб наспроти „Тренд“ во центарот на Скопје.

Каја Шукова – кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ и Коалицијата ќе даде изјава за медиумите во Градски парк кај Кермез во 11:30 часот.

Со почеток во 12:00 часот, кандидатот на ВРЕДИ за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, ќе одржи прес – конференција во неговиот изборен штаб на плоштад Скендербег.

Прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје денеска напладне ќе одржи потпретседателот на Демократската унија за интеграција Арбер Адеми на која ќе се обратат и кандидатот за градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани, и кандидатот за градоначалник на Јегуновце, Насир Абази.

Кампањата официјално завршува на 17 октомври на полноќ, по што следува изборниот молк пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 ноември.

Поврзани вести