Skip to main content

Живот до 150 години е дефинитивно достижен, за неколку години тоа ќе стане реалност

Главниот технолошки директор на кинеската компанија „Лонви биосајенсиз“ од Шенжен, Лиу Ќингхуа, изјави дека најновите научни резултати отвораат можност во наредните години никој повеќе да не заболува од рак, а човечкиот живот да се продолжи и до 150 години.

„Живот до 150 години е дефинитивно достижен. За неколку години тоа ќе стане реалност. За пет до десет години, никој нема да заболува од рак“, изјави Ќингхуа, пренесува „Њујорк тајмс“.

Нивниот оптимизам се темели на развојот на нов лек кој покажал импресивни резултати во лабораториски услови. Компанијата тврди дека изолирала молекули „способни да ги уништат таканаречените зомби-ќелии“ – клетки што стареат, не умираат и го оштетуваат здравото ткиво – и дека пронашла начин да произведе капсули со висока концентрација на овие молекули.

„Ова не е само уште една пилула. Ова е Светиот грал“, изјави извршниот директор на „Лонви биосајенсиз“, Ип Зуо, познат и под псевдонимот Зико.

Компанијата верува дека нивните капсули, во комбинација со здрав животен стил и квалитетна медицинска нега, може да им помогнат на луѓето да живеат меѓу 100 и 120 години.

Дејвид Фурман, вонреден професор на Институтот Бак за биомедицински истражувања во Калифорнија, вели дека кинеските пилули „делуваат ветувачки“, но предупредува дека мора да бидат тестирани во големи клинички испитувања.

Кинеските компании се меѓу водечките во трката за запирање на стареењето. Освен екстракт од семки од грозје, истражувањата се насочени и кон годжи-бобинки, криогени комори, хипербарични простории и други иновативни технологии.

„Лонви биосајенсиз“ ги развила пилулите против стареење врз основа на соединението процијанидин Ц1 (PCC1), кое природно се наоѓа во екстрактот од семки од грозје. Претходно, научници од Шангај открија дека PCC1 го продолжува животниот век на глувците за речиси десет проценти, преку селективно уништување на старите и сенесцентни клетки и заштита на здравите.

Поврзани вести