
Околу илјада лица во Македонија се заболени од карцинот на белите дробови. Овие бројки се неофицијални, кажа денеска проф. д-р Деска Димитривска од Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје и претседателска на Македосното респираторно здружение.
Денеска во Скопје се одржа 6. Конгрес на Македонското респираторно здружение и 5. Конгрес на Здружението на пневмофтизиолози.
Расте бројот на заболени со респираторни болести. А, за зголемувањето на заболените влијаат голем број фактори, а меѓу нив и загадениот воздух, пушењето цигари, внатрешните загадувачи во зградите и други. Се додека не се преземаат активности околу намалувањето на загадениот воздух и другите фактори, во земјава ќе има поголем број на болести од респираторниот тракт, беа заклучоците на учесниците на Конгресот.
Ние како доктори многу малку можеме да направиме на превенцијата за да спречиме појава на овие болести. Многу повеќе можат да направат политиките на државата да се работи на намалувањето на загадениот воздух, да се намали бројот на пушачи, да се подобрат условите на работа. Се додека тоа не го направиме, во Македонија има и ќе има поголем број на болести од респираторниот тракт. Ние ги лекуваме, тогаш кога ќе ги добиеме на клиника, но тоа честопати е доцна, затоа што од друга страна и не секогаш на време бараат лекарска помош, рече Димитриевска.
На Конгресот учествуваат околу 300 учесници и 30 странски предавачи од Англија, Шпанија, Словенија, Италија и од балканските земји.
Професорот на медицина на Универзитетот Саутемптон во Велика Британија, Ратко Ѓукановиќ, кој беше еден од предавачите во изјава за медиумите нагласи дека, за жал, карциномот на белите дробови е на првото место на болестите.
Постојат болести каде преваленцата расте и бара големи напори од страна на здравствените служби, а таква е бронхијалната астма која е многу честа – едно од десет деца кои се родиле сега во Британија е со бронхијална астма, рече тој.
Професорот Ѓукановиќ потенцира дека она што создава грижа кај нив околу сите овие болести е загадувањето на воздухот.
Порано кога јас бев млад, ретко имаше пациенти со карцином на белите дробови кои не се пушачи, а сега тоа не е реткост. Сега повеќе внимание им посветуваме на загадувачите кои се внатре во зградите, односно и на внатрешните загадувачи, а не само на надворешните, рече Ѓукановиќ.
Доцент д-р Зорица Нановиќ од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје и претседателка на Здружението на пневмофтизиолози по затворање на Конгресот нагласи дека почна да се појавува туберкулозата за која се сметаше дека одамна е искоренета.
Во Англија имаат проблем со туберкулози и ќе има низ Европа. Во последното известување на европската ЦДЦ 4,3 проценти на заболените од туберкулоза се деца во Европска унија и европска економска зона. Актуелниот календар за вакцинација предвидува само на раѓање да се прими една доза на вакцина и се смета дека таа добро штити. Во наредните 10 до 15 години, ќе имаме дечињата од тешки форми на туберкулоза, рече таа.