
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира на поголема внимателност и заштита од сексуално преносливи инфекции (СПИ), особено во летниот период, кога почести се патувањата, одморите и новите сексуални контакти.
Од ИЈЗ потсетуваат дека сексуално преносливите инфекции најчесто се пренесуваат преку незаштитен вагинален, анален или орален сексуален контакт. Притоа, голем број инфекции можат долго време да поминат без никакви симптоми, што значи дека лице кое се чувствува здраво сепак може да биде носител и да ја пренесе инфекцијата.
Нелекуваните СПИ можат да предизвикаат сериозни здравствени последици, меѓу кои хронични воспаленија на репродуктивните органи, проблеми со плодноста, компликации во бременоста, а кај одредени инфекции и зголемен ризик од развој на рак.
Кои се најчестите сексуално преносливи инфекции?
Меѓу најчестите вирусни инфекции е хуманиот папилома вирус (ХПВ). Постојат повеќе од 100 типови на ХПВ, од кои дел можат да предизвикаат генитални брадавици, додека одредени високоризични типови се поврзуваат со појава на рак на грлото на матката, анусот и грлото.
Хламидијата и гонорејата се чести бактериски инфекции, а особено кај хламидијата инфекцијата може да помине без симптоми. Нелекуваните инфекции можат да доведат до компликации, вклучително и неплодност. Кај гонорејата дополнителен проблем претставува зголемената отпорност на бактеријата кон антибиотиците.
Сифилисот се развива низ повеќе фази. Може да започне со безболна раничка, а подоцна да предизвика осип и други симптоми. Во напредната фаза, доколку не се лекува, може да дојде до сериозни оштетувања на нервниот систем и срцето.
ХИВ го напаѓа имунолошкиот систем, но современата антиретровирусна терапија овозможува лицата кои живеат со ХИВ да имаат долг и квалитетен живот.
Меѓу сексуално преносливите вирусни инфекции се и гениталниот херпес и хепатитис Б, за кои се важни навременото откривање, медицинскиот третман и превенцијата.
Кондомот и вакцинацијата се меѓу најважните мерки
За намалување на ризикот од сексуално преносливи инфекции, ИЈЗ препорачува:
користење кондом правилно и при секој сексуален однос;
редовно тестирање, особено при промена на партнер или по ризичен сексуален контакт;
вакцинација против ХПВ и хепатитис Б;
консултација со лекар при појава на необичен исцедок, печење, болка или други промени;
избегнување самолекување со антибиотици без лекарска препорака.
Од ИЈЗ потсетуваат дека навременото тестирање и лекување се важни не само за сопственото здравје, туку и за спречување на понатамошно ширење на инфекциите.

Македонски


