
Српскиот претседател Александар Вучиќ со мрачна проценка за иднината на војната во Украина и безбедносната состојба во Европа – вели дека светот можеби веќе се наоѓа на почетокот на многу поголем конфликт.
Во интервјуто за подкастот „MD MEETS“ на Матијас Депфнер, Вучиќ порача дека очекувал досега да се појави иницијатива која ќе доведе до прекин на огнот, но дека тоа не се случило.
„Мислам дека сме на почетокот на поголема војна“, рекол Вучиќ, додавајќи дека токму поради тоа стравува оти светот се наоѓа на работ на „многу, многу поголема војна“.
Неговите оценки доаѓаат непосредно по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белград. Вучиќ во интервјуто откри дека со рускиот претседател Владимир Путин во последно време има поретки контакти и нагласи дека Србија не сака да биде „марионета“ на која било голема сила.
Вучиќ истовремено не очекува завршување на војната во Украина во блиска иднина. Тој рече дека не гледа крај на конфликтот во текот на 2026 година, ниту пред следната пролет. Според него, проблемот е во тоа што и Москва и Киев се надеваат на пораз на другата страна, а без промена на сегашната рамнотежа на силите тешко е да се постигне компромис.
„Никој не сака да види мир. Секој сака да го види поразот на другата страна“, е оценката на Вучиќ.
Тој предупреди и дека не би чекал Русија целосно да биде исцрпена од војната, посочувајќи дека станува збор за нуклеарна сила.
Нови сојузи ја менуваат безбедносната слика
Предупредувањето на Вучиќ доаѓа во момент кога на Блискиот Исток се создаваат нови безбедносни партнерства.
На 7 август Саудиска Арабија, Турција и Пакистан потпишаа заеднички одбранбен договор во Мека. Според договорот, вооружен напад врз една од трите земји ќе се смета за напад врз сите. Сепак, во документот не се прецизирани конкретните воени обврски и не е јасно до кој степен договорот би ги обврзал земјите на воена интервенција во случај на напад.
Договорот е потпишан во период на сериозна регионална нестабилност и претставува значаен сигнал дека големите регионални сили се обидуваат да изградат сопствени безбедносни механизми.
Турција, Саудиска Арабија и Пакистан нагласуваат дека договорот е одбранбен и дека не е насочен против конкретна држава. Саудиски претставник дополнително отфрли дека станува збор за создавање воен или секташки блок.
Во исто време, Иран денеска порача дека нема причина да се стравува од новиот договор, оценувајќи го како дел од поширокото настојување на земјите од регионот да се потпираат повеќе на сопствени безбедносни капацитети.
Токму ваквите промени во глобалните односи се во центарот на проценката на Вучиќ дека светот влегува во период на ново престројување, во кое САД, Кина, Русија, Индија и Европската Унија ќе се борат за поголемо влијание, додека регионалните сили ќе бараат поголема независност во сопствената безбедносна политика.
Засега, неговото предупредување за „многу поголема војна“ останува политичка проценка, но доаѓа во момент на сериозно влошена безбедносна состојба во Европа и на Блискиот Исток, каде паралелно се создаваат нови воени и безбедносни партнерства.

Македонски


