Skip to main content
Нермин Теловска, директорка на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје

Не двоумете се да побарате помош од психолог, психијатар или педагог при агресивно однесување на децата

Не двоумете се да побарате помош од стручно лице, од психолог, психијатар или педагог при агресивно однесување на децата или сериозни знаци на стрес или анксиозност. Навремената интервенција може да направи голема разлика, апелира м-р Нермин Теловска, логопед, специјалист за дисфлуентни нарушувања на говорот и директорка на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје.

Физичките пресметки меѓу учениците претставуваат резултат на комплексна интеракција меѓу семејни, социјални и институционални фактори. Зголемената агресивност кај младите е симптом на подлабоки општествени проблеми, а справувањето со неа бара системска превенција, едукација за ненасилна комуникација и засилена психосоцијална поддршка во образовните институции, смета м-р Теловска.

Со неа разговаравме за најчестите причини што доведуваат до физички пресметки меѓу учениците, за вербалното насилство и за се позиразеното сајбер-понижување, како родителите да препознаат дали нивните деца се жртва на интернет насилство, каква поддршка да им се понуди на децата, но и на родителите и зошто и колку е важна улогата на стручните лица и конкретната поддршка што се нуди во Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје.

Кои се најчестите причини што доведуваат до физички пресметки меѓу учениците и зошто бројот е пораснат? Од каде таа изразена агресивност?

ТЕЛОВСКА: Агресијата кај децата не е секогаш прашање на дисциплина – таа е крик за внимание, разбирање и прифаќање. Според Националниот извештај за однесувањата поврзани со здравјето кај децата (2021/22) 21% од 11-годишните, 17% од 13-годишните и 13% од 15-годишните признале дека биле вклучени во физичка пресметка барем еднаш во последниот месец. Паралелно, 38% од средношколците изјавиле дека барем еднаш биле жртви на сајбер-насилство, најчесто преку Инстаграм и ТикТок. Вербалното насилство – во живо и онлајн – остава длабоки траги врз самодовербата и менталното здравје на младите.

Од надворешните фактори, најсилно влијание за појава на агресијата има семејната средина – конкретно, насилната дисциплина како директен извор на агресивни модели, а потоа и други семејни предизвици и недостиг на време. Според укажувањата на УНИЦЕФ и Државниот завод за статистика, во нашата држава, 73% од децата се изложени на насилна дисциплина во домот, што вклучува физичка агресија или психолошко насилство. Тоа значи прифаќање на физичката казна, сè уште, како прифатлив метод во одредени семејства. Понатаму, општествената средина, социјалните притисоци, дискриминација и социјална нееднаквост која создава чувство на фрустрација. И секако културните и медиумските влијанија – да се доживува насилството како „нормално“ однесување или решавање проблеми.

Внатрешни психолошки фактори се недоволната самоконтрола која создава потешкотии во регулација на емоциите и реакциите, ниската самодоверба поради која се јавува чувствувото на несигурност и загрозеност и емоционалната незрелост поради која детето или младиот не знае како да ги препознае, разбере и изрази своите чувства на соодветен начин. Ова често води до експлозивни реакции, особено кога се чувствуваат одбиени, игнорирани или неправедно третирани.

Теловска: Сајбер понижувањето е поопасно бидејќи содржината може да се споделува и репродуцира бескрајно / фото: Александар Ивановски

Каква е разликата меѓу традиционалното вербално насилство и денешното сајбер-понижување?

ТЕЛОВСКА: Клучни разлики помеѓу традиционалното вербално насилство кое се случува лице в лице и е ограничено во време и простор и сајбер понижувањето кое се шири онлајн се интензитетот и трајноста. Сајбер понижувањето е поопасно бидејќи содржината може да се споделува и репродуцира бескрајно. Потоа анонимноста – во дигиталниот простор насилникот може да остане скриен, што го зголемува чувството на беспомошност кај жртвата. За разлика од приватниот конфликт, сајбер-понижувањето често е јавно и го засилува срамот и стресот. Жртвите на сајбер-булинг се изложени на постојан притисок, бидејќи содржината е достапна 24/7.
Иако и традиционалното вербално насилство и сајбер-понижувањето предизвикуваат сериозни психолошки последици, онлајн понижувањето е поинтензивно, подолготрајно и со поширок опсег на штета.

Како родителите да препознаат дека нивното дете е изложено на онлајн малтретирање, особено кога децата го кријат тоа?

ТЕЛОВСКА: Родителите можат да препознаат онлајн малтретирање преку суптилни промени во однесувањето на детето – како повлекување, тајновитост со уредите, или ненадејни емоционални реакции по користење интернет.

Родителите треба да внимаваат на следниве промени: Нервоза или вознемиреност пред или по користење на интернет или мобилен телефон; Тајновитост околу онлајн активностите, криење екрани, бришење пораки, избегнување разговори за тоа што прави онлајн; Изолација – поминување повеќе време сам/а во соба, избегнување пријатели или семејни активности; Промени во расположението, раздразливост, тага, анксиозност, особено по добивање порака или нотификација; Проблеми со спиење или апетит, или ненадејно влошување на оценките; Одбивање да оди на училиште или учество во групни активности; Физички симптоми како главоболки или болки во стомак без медицинска причина.

Каква поддршка треба да им се понуди?

ТЕЛОВСКА: Потребна е да се создаде безбедна општествена средина. Потоа нови стратегии за превенција на сајбер понижувањето: дигитална писменост, едукација за безбедно користење интернет и јакнење на психосоцијалната поддршка на младите, воведување програми за емоционална интелигенција во воспитно образовните институции, зголемување на бројот на психолози, психијатри, логопеди, специјални едукатори и други стручни лица во образовните институции и здравствените центри. Многу е важно и јакнење на соработката меѓу родителите, наставниците и институциите.

Дали сметате дека денес родителите имаат потешка задача во поставување граници поради дигиталната средина и новите социјални притисоци? Како може да помогнат?

ТЕЛОВСКА: Родителите треба да создадат безбедна семејна средина. Да почнат разговор без осуда. Создавање безбедна атмосфера каде детето ќе се чувствува слободно да зборува. Потребно е активно слушање. Тоа значи покажете искрен интерес за тоа што вашето дете има да каже. Не го прекинувајте, не судете и не нудете веднаш решенија. Поставување прашања со емпатија, не со испрашување, пр.: „Забележав дека си тажен кога го користиш телефонот. Што се случува?“ Ова гради доверба и ја поттикнува емоционалната отвореност. Посветување време: Квалитетното време со децата не значи само физичко присуство, туку и емоционална поврзаност. Играње заедно, вечера без телефони, создавање семејни ритуали. Ваквите моменти го зајакнуваат чувството на припадност и сигурност, што е клучно за емоционалната стабилност. Разговар за емоции: Да се научат децата да ги препознаваат, именуваат и изразуваат своите чувства. Користење примери од секојдневието: „Изгледаш лут, што се случи?“ или „Мислам дека си тажен, дали сакаш да зборуваме?“ Ова ја намалува веројатноста за агресивни испади. Следење на дигиталната активност со доверба: Интерес за тоа што го гледаат децата, читаат и со кого комуницираат онлајн, како и информираност за апликациите и платформите што ги користат децата. Наместо контрола, градење отворен дијалог: „Што мислиш за тоа видео?“ или „Како се чувствуваш кога го гледаш ова?“ Така родителите ќе бидат информирани и ќе изградат доверба.

Што може да направат родителите дома за да го зајакнат чувстувото на безбедност, емпатија, самодоверба кај своите деца?

ТЕЛОВСКА: Не се двоумете да побарате помош од стручни лица, психолог, психијатар, педагог, советник, при агресивно однесување или сериозни знаци на стрес или анксиозност. Агресијата може да биде симптом на подлабоки емоционални или развојни предизвици. Навремената интервенција може да направи голема разлика. Родителите треба да бидат модел на однесување. Децата учат преку набљудување. Ако родителите се справуваат со стресот на мирен начин, покажуваат емпатија и решаваат конфликти со дијалог, децата ќе го следат тој пример. Однесувањето е најсилната порака што може родител да ја испрати.Поставување граници и правила за користење интернет, но и разговор за објаснување зошто се важни. Учење на детето за онлајн безбедност и важноста од пријавување на несоодветно однесување. Поттикнување на детето да не споделува лични информации со непознати лица. Инсталирање родителски контроли и разговар за нивната намена не како казна, туку како заштита. Вклучување на училиштето ако се јави малтретирање од страна на соученици.

Теловска: Агресијата може да биде симптом на подлабоки емоционални или развојни предизвици. Навремената интервенција може да направи голема разлика / Фото: Александар Ивановски

Каква конкретна поддршка може да понуди Центарот за децата?

ТЕЛОВСКА: Овие појави не се само бројки во статистиките – тие се реалност што бара системска и координирана реакција. Агресијата и анксиозноста кај децата често претставуваат крик за внимание, разбирање и прифаќање, но и јасен сигнал за потребата од стручна поддршка. Токму затоа, постоењето на нашиот Центар – ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје – е од суштинско значење.

Во Центарот работат логопеди – специјалисти за говорот, јазикот и комуникацијата кај деца и возрасни. Логопедите играат клучна улога во превенцијата и справувањето со насилството меѓу младите, особено во контекст на заштита на ранливите групи како што се лицата со говорно-јазични нарушувања. Истражувањата укажуваат дека децата и адолесцентите кои се соочуваат со пречки во говорот, пелтечење, артикулациски тешкотии или други комуникациски нарушувања, значително почесто се изложени на ризик од виктимизација, вклучително и вербално, психолошко и физичко насилство. Овие млади лица често се перцепирани како „различни“ од нивните врсници, што може да доведе до маргинализација, социјална изолација и зголемена подложност на потсмев и дискриминација.
Во таа насока, логопедите не само што работат на унапредување на комуникациските способности на овие лица, туку и активно придонесуваат во нивната психосоцијална интеграција. Преку индивидуализирани интервенции, едукација на наставниот кадар и соработка со родителите и другите стручни служби, логопедите можат да помогнат во создавање на инклузивна и поддржувачка средина. Дополнително, тие имаат потенцијал да идентификуваат индикатори за насилство и да иницираат соодветни интервенции, со што директно придонесуваат кон заштита на достоинството и благосостојбата на младите со комуникациски тешкотии.

Во Центарот работат уште и специјални едукатори и рехабилитатори – стручњаци кои обезбедуваат индивидуализирана поддршка за деца со развојни, когнитивни или однесувачки потешкотии, со цел нивна интеграција и целосен развој на потенцијалите, потоа психолог – стручњак кој го проучува однесувањето, емоциите и мислите на поединецот, обезбедува поддршка за справување со стрес, анксиозност и други психолошки предизвици, и помага во развојот на здрави навики и односи и детски психијатар – специјалист кој се грижи за менталното здравје на децата и адолесцентите, дијагностицира и третира емоционални и однесувачки нарушувања, и обезбедува поддршка за нивниот здрав психички развој.

Без овие стручни лица, ризикуваме да оставиме генерации млади луѓе без алатки за здраво изразување и справување со животните предизвици.

Потребна е поддршка за вработување нови логопеди, специјални едукатори и психолози и институционално признавање на Центарот како клучен фактор во системот на поддршка.
Како директорка на Центарот, верувам во капацитетот на надлежните институции и во поддршката од јавноста. Убедена сум дека нашата улога ќе биде препознаена и дека ќе се обезбедат потребните ресурси за да продолжиме да бидеме столб на поддршка за децата, родителите и образовните институции. Нашата работа не е само професионална – таа е општествена мисија за иднината на младите генерации.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Република

Поврзани вести