Skip to main content

Министерство за здравство: Неточни се тврдењата дека комисиите не утврдиле неправилности во работењето на Стоматолошката комора

Фејсбук профил на Министерството за здравство

Министерството за здравство реагира на денешната прес конференција на Стоматолошката комора и вели дека не се точни тврдењата кои беа изнесени оти комисиите не утврдиле неправилности во работењето на Комората.

Министерството за здравство уште еднаш потенцира дека одлуката е донесена врз основа на факти, аргументи и инклузивност во процесот на сите релевантни чинители. Одлуката е резултат на подолготрајна и сеопфатна анализа од повеќе стручни лица, се вели во реакцијата на МЗ.

Потсетуваме дека на овој процес претходеше времена мерка изречена од Уставен суд, а потоа и конечна одлука од истата институција со која се запира извршувањето на поединечните акти и дејствија, а дополнително покрај времената мерка комората продолжила со континуираната едукација. Паралелно, во прилог на оваа одлука е и извештајот од Државната комисија за спречување на корупција, соопштуваат од МЗ.

Министерството за здравство за оваа цел имаше формирано две комисии за надзор над законитоста на работата на комората и во двата случаи се констатирани неправилности на кои е укажано со законски рок за отстранување на истите но во законските рокови не е постапено од страна на Стоматолошката комора.

Потенцираме дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите “немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората”, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат, се вели во реакцијата на МЗ.

Врз основа на утврдената фактичка состојба, по разгледување на содржината на извештаите и доставената документација како и одлуката од Уставен суд од 15.05.2024, министерот одлучи времено да ги преземе надлежностите за лиценцирање, сè додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално.

Поврзани вести