Skip to main content

Искусни токсиколози ќе прават испитувања пред да бидат пуштат на домашно лекување повредените во Кочани

На повредените во пожарот во Кочани кои се лекуваат во земјава ќе им бидат направени токсиколошки анализи пред да бидат пуштени на домашно лекување.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во изјава за медиумите рече дека испитувањата ќе ги прават искусни токсиколози.

Тоа е одлучено во Кризниот штаб за сите пациенти кои ќе се испишуваат. Затоа и денеска не брзавме да ги испишиме, имавме неколку пациенти кои беа за испис. Ќе дојдат искусни токсиколози, ќе направат испитувања и да бидеме сигурни да ги пуштиме за лекување во домашни услови, истакна Таравари.

Посочи дека сите 173 пациенти кои се лекуваат во земјава и во странство, се во добра состојба. Седумдесет и двајца се лекувале во државава, а 101 надвор од неа. Во добра состојба се и двајцата пациенти транспортирани во Шведска.

Попладне, околу 16 часот, како што најави Таравари, на веб-страницата на Министерството за здравство ќе бидат објавени имињата на сите болници каде се лекуваат повредените.

Во пожар во дискотека во Кочани, кој изби на 16 март во раните утрински часови, загинаа 59 лица, а 178 беа повредени. Денеска се погребуваат жртвите од трагедијата во Кочани, Штип, Виница, Струмица, Македонска Каменица, Пробиштип и Скопје кои се на возраст од 14 до 25 години. Меѓу нив тројца се малолетници.