Skip to main content

Алиу учествуваше на онлајн промоција на „Патоказот за здравје и благосостојба во Западен Балкан 2026–2030“

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска, учествуваше на онлајн промоцијата на „Патоказот за здравје и благосостојба во Западен Балкан 2026–2030“, што претставува регионален документ подготвен со поддршка на Светската здравствена организација.

Во своето обраќање, министерот Алиу истакна дека приоритетите од Патоказот се целосно поврзани со реформските процеси што ги спроведува Министерството за здравство, со посебен акцент на дигиталната трансформација, електронските здравствени досиеја, подобрата размена на податоци меѓу институциите и усогласувањето со европските стандарди.

Од перспектива на Министерството за здравство го поздравуваме овој Патоказ како вредна регионална рамка. Тој во голема мера ја одразува актуелната состојба и реформските приоритети што се важни за нашата земја. Неговиот фокус на зајакнување на примарната здравствена заштита и јавното здравје, човечките ресурси во здравството, здравствената безбедност и подготвеност, превенцијата и контролата на незаразните болести, имунизацијата и регионалната соработка е исклучително релевантен за нашиот национален контекст. За нас, овие приоритети не се апстрактни. Тие се директно поврзани со реформите што во моментов ги спроведуваме. Нашата цел е да изградиме здравствен систем кој е поотпорен, повеќе насочен кон луѓето, повеќе ориентиран кон превенција и подобро воден од податоци и докази. Здравствен систем што може да одговори на итни состојби, но и секојдневно да обезбедува квалитетни услуги. Систем што ги поддржува граѓаните не само кога се болни, туку им помага и да останат здрави, истакна во обраќањето министерот Алиу.

Тој посочи дека првата област е дигиталното здравство и е една од централните реформски области во здравството за подобро планирање, подобра координација, поголема транспарентност и подобри услуги за граѓаните. Втората област е квалитетот на здравствената заштита и безбедноста на пациентите. Пристапот до услуги останува суштински – на граѓаните им се потребни услуги што се безбедни, ефективни, навремени, правични и со висок квалитет. Веруваме дека квалитетот на здравствената заштита и безбедноста на пациентите ќе бидат клучни и во спроведувањето на Патоказот.

Нашата држава е подготвена активно да придонесе во овој процес. Веруваме дека регионалната соработка може да ни помогне да учиме едни од други, да избегнеме дуплирање на напорите и побрзо да се движиме во областите каде што нашите предизвици се слични. Со заедничка работа можеме да ја зајакнеме подготвеноста, да ги подобриме јавно-здравствените функции, да ги поддржиме здравствените работници, да ја унапредиме дигиталната трансформација и да обезбедиме подобри резултати за нашите граѓани, посочи Алиу.

Поврзани вести