
Денеска се одржа промоција на Стратегијата за соработка со Светската здравствена организација за периодот 2026-2030 година, на која присустуваа министерот за здравство, Азир Алиу, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, како и претставникот на СЗО Аким Али, координаторот за Обединети Нации, Рита Колумбија, и Лесли Милер од УНИЦЕФ.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека стратегијата е целосно усогласена со нашата Национална развојна стратегија, со обврските од процесот на пристапување кон Европската Унија и со Рамката за одржлив развој на Обединетите Нации.
Во претстојниот период ќе бидеме посветени на зајакнување на партнерствата со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ со посебен фокус на вакцинацијата, како и со УНФПА во делот на унапредување на здравствената заштита на мајките и децата. Министерството за здравство продолжува активно да работи на главните приоритети: процесот на дигитализација, транспарентност и отчетност пред граѓаните, и правичен здравствен систем кој функционира во интерес на граѓаните, посочи министерот Алиу.
Д-р Аким Али од Светската здравствена организација истакна дека оваа стратегија не е само здравствена политика – таа е градење стабилност, доверба и уште поправедна иднина за сите во државата.
Со Стратегијата, Македонија се приклучува на заедничките европски напори за зајакнување на отпорни и подготвени здравствени системи за иднината, истакна д-р Али.
Координаторот на Обединетите Нации, Рита Колумбија посочи дека стратегијата за соработка со земјата покажува како глобалните обврски се преточуваат во национално дејствување – целосно усогласено со здравствената и развојната агенда на земјата.
Здравјето не може да се разгледува изолирано; тоа е поврзано со образованието, животната средина, климата, социјалната заштита и дигиталната трансформација. Стратегијата обезбедува рамка за заедничко делување врз овие врски, заклучи Колубија.