Министерството за образование и наука – Педагошка служба објави повик за пројавување интерес за запишување во база на рецензенти.
Како што објави МОН, Педагошката служба согласно Законот за учебници во основно и средно образование води база на рецезенти, а согласно Правилникот за начинот на запишување во базата на рецезенти и начинот на работа на рецезенти е утврден начинот на запишување во електронската база за рецензенти за ракописи на учебници и учебници по странски јазици.
Заинтересираните лица потребно е да се наставници од наставничките факултети за наставниот предмет за кој е наменет учебникот и со најмалку десет години работно искуство или да се наставници од основно, односно средно училиште соодветни за наставниот предмет за кој е наменет учебникот и со најмалку десет години работно искуство во настава.
За наставните предмети јазик и култура на српската, бошњачката, влашката, турската односно ромската заедница, како и за предметите кои првпат се воведуваат во наставата, може да се пријават и лица со завршено најмалку високо образование од областа на која припаѓа наставниот предмет за кој е наменет учебникот и кои имаат најмалку пет години работно искуство како наставник или соработник во високото бразование, односно најмалку пет години работно искуство како наставник во основно или средно образование.
Во објавениот повик се наведени документите што треба да ги достават заинтересираните кои ќе се пријават. Пријавата се пополнува електронски на порталот e-uslugi.mon.gov.mk.