Skip to main content

Крушево е полно со гости

 Крушево е полно со гости и посетители од земјава и странство. Речиси се пополнети капацитетите од 1000 легла, од кои преку 700 во приватното сместување.

Овие денови имавме три меѓународни параглајдинг-првенства, а во тек е и Светскиот куп во параглајдерство што трае до недела. Крушево е полно со гости и се подготвува за големиот празник Илинден, вели градоначалникот на Крушево Томе Христоски.

Гостите се задоволни од сместувачките капацитети, од атмосфератa и од она што го нуди Крушево.

Овде е одлично, безбедно за летање. Инвестирано е. Атмосферата и храната, понудата се многу убави. Доаѓам многупати, вели Џен Темпест од Англија која ужива да лета со својот параглајдер.

Гости има од сите краишта на Македонија. Резервирано е за празникот. Домаќините., за поатрактивно, ја прошируваат понудата.

Нашето здружение го преименувавме во „Вљуби се во Крушево“. На гостите им ги нудиме и традицијата и културата на Македонија и на Крушево. Имаме посебно опремена „Крушевска одаја“ во Младинскиот културен центар. Донесов предмети од мојата куќа, стара 150 години. Им ги објаснуваме културата, традицијата, како се живеело во Крушево, им организираме со водич прошетки низ знаменитостите и музеите, им нудиме закуска. Приликите налагаат да ја збогатиме понудата за да го зголемиме бројот на гостите, објаснува Мери Чавкароска, член на здружението „Вљуби се во Крушево“.

Од крушевската општина нагласуваат дека категоризацијата на сместувачките капацитети се запазува, приватниците се заинтересирани да понудат нови легла.

Од приватните сопственици постојано имаме нови барања за категоризација на легла во приватното сместување. Од друга страна, пак, она што претходно беше ѕвезда во категоризацијата, и кое претходно не беше битно, сега е навистина важно, бидејќи приватните издавачи на сместување нудат подобри услови и подобри стандарди, вели Татијана Хасану, раководител на одделението за Локален економски развор во општина Крушево

Поврзани вести