Skip to main content

Над 150 пријавени верници за крстот што ќе биде положен во река Радика

Повеќе од 150 верници од многу градови на нашата држава, до поладнево се  пријавени за фаќање на светиот крст што утре ќе биде положен во водите на река Радика, општина Маврово и Ростуше, со благослов на епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.

Како што изјави за МИА, архимандрит Доситеј, на чиј телефонски број се јавуваат заинтересираните верници, се очекува до крајот на денот тој број да биде и поголем, имајќи предвид дека во просек секоја година има по над 200 верници.

Денеска во Бигорскиот манастир од 4 до 4:30 часот одржан е богојавленски голем водосвет во манастирската фијала, а во 19 часот ќе се одржи празнична вечерна богослужба.

Утре, на денот на празникот, во 8 часот, по традиција ќе биде одржана Божествена Златоустова литургија во храмот „Пресвета Богородица“ во село Ростуше, со која ќе чиноначалствува владиката Партениј, од каде во 9:30 часот ќе тргне торжествената Литија до „Ростушки мост“, каде ќе биде полагањето на Крстот во реката Радика. Вечерта во 19 часот ќе почне вечерна богослужба во чест на Свети Јован, додека во  понеделник кога се слави соборот на Свети Јован Крстител, во 6:30 Утрена и Божествена Литургија.

Отец Доситеј потврди дека традиционално заедно со верниците ќе бидат и претставници на локалната власт на општина Маврово и Ростуше, предводени од градоначалникот Медат Куртовски, кој го дарува оној кој прв ќе стигне до крстот.

Дополнително, медицинскиот тим на брзата медицинска помош од Здравствениот дом „Русе Бошковски“ од Ростуше, ќе биде на терен за целосна поддршка и брза реакција во случај на потреба.

Празникот Водици ќе биде одбележан и во Дебар, каде поради се помалиот број православни имало години, кога светиот крст само симболично се фрла во водите на базенот во дворот на црквата „Света Петка“, каде се наоѓа и седиштето на Дебрската парохија.

-До денеска имаме двајца пријавени, но имајќи ги в предвид претходните искуства очекуваме утре да имаме и други пријавени, рече за МИА, Миле Ангеловски, намесник на парохијата.

Според него утре во 7:30 часот ќе почне Света Златоустова литургија, по што ќе биде положен светиот крст. 

Поврзани вести