
На 78-годишна возраст почина познатиот охридски новинар и публицист Владимир Ангеличин-Жура.
Во својата богата професионална кариера Владо Жура бил уредник на Радио Охрид (1961-1975), а потоа уредник на весникот на ГП „Трудбеник” во Охрид (1975-1997). Автор е на голем број написи и во дневниот и во седмичниот печат, а посебно значајни се неговите истражувачки радио и телевизиски емисии посветени на минатото на Охрид: циклусот од над 150 неделни едночасовни емисии „Реликвија”, посветени на минатото на Охрид – врз основа на истражувањата низ архивите во Охрид, Скопје и во Софија, циклусот од 20 получасовни радио емисии посветени на охридската староградска песна, циклус од 15 телевизиски емисии инспирирани од трубадурската охридска песна и друго. Исто така, особено значајни се и неговите истражувања во областа на генеалогијата на охридските фамилии.
Автор е на повеќе книги од кои посебен интерес побудува „Жура за Жура“ (1995, две изданија). Од рани години се занимава со документарна и уметничка фотографија, познат е и како рецензент и промотор на бројни книги, фотоизложби и музички настани.
Добитник е на ред пофалби, дипломи и признанија како и на највисокото признание на Општина Охрид за 1985 за вонредни постигнувања на полето на информирањето, уметноста и културата.
Владимир Ангеличин-Жура е роден на 3 ноември 1946 во Охрид.
Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта Охрид од 12 до 12:30 часот, утре, 2 ноември.

Македонски







