
Нова мрежа од 145 обучени ментори ќе го поддржува развојот на практични зелени вештини и климатско знаење кај учениците од средните стручни училишта во Македонија.
Оваа иницијатива е дел од тековното стратешко партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Групацијата Нелт, во насока на опремување на младите луѓе со вештини што им се потребни за иднината.
Преку програмата што се спроведува во партнерство со Центарот за стручно образование и обука, беа обучени 145 ментори од 40 институции, граѓански организации и компании, вклучително и јавни претпријатија и тројца вработени во Групацијата Нелт за да ги примат учениците од средните училишта во своите институции и да им обезбедат висококвалитетни искуства преку учење во пракса. Десетте обуки за менторство што се одржаа од 21 мај до 24 септември 2025 имаа за цел да ја зајакнат способноста на менторите да ги водат учениците во примената на зелените вештини, климатското знаење и практичните стручни компетенции.
Учениците мора да излезат надвор од училницата за да развијат зелени вештини, а тоа ќе им помогне да придонесат кон одржлива животна средина, климатска отпорност и транзиција кон позелена економија. Преку практично учење, знаењето ќе се преточи во акција, а учениците ќе стекнат самодоверба и компетентност за иновации и успех во своите професии, изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Свеченоста се одржа во болницата „8 Септември“ – една од партнер-институциите што има обучени ментори – покажувајќи со тоа дека зелените вештини повеќе не се поврзани само со една професија или индустрија. Без разлика дали ученикот ќе стане техничар, медицинска сестра, механичар или ИТ-специјалист, разбирањето на тоа како нивната работа влијае врз животната средина станува дел од професионалните компетенции. Преку оваа програма, менторите ќе им овозможат на учениците да направат поврзување на овие аспекти уште на самиот почеток.
Овие обуки, спроведени со поддршка на Групацијата Нелт и УНИЦЕФ, се пример за тоа како можеме да создадеме услови секој ученик во стручното образование да има квалитетно учење во јавните институции и организации, а секој ментор да биде подготвен да го води, охрабррува и насочува. Со тоа, не само што ги подигаме квалитетот и стандардите на наставата, туку и ја градиме доверба меѓу образованието и стопанството – доверба без која нема вистински развој на вештини и компетенции,“ изјави Бесник Зендели, директор на Центарот за стручно образование и обука.
Со завршувањето на оваа прва фаза, Центарот за стручно образование и обука и партнерите ќе продолжат да ги прошируваат можностите за менторство и да ја зајакнуваат врската меѓу образованието и развојните потреби на економијата.
Иницијативата на Групацијата Нелт и УНИЦЕФ се реализира повеќе од една година во Србија, Македонија и Босна и Херцеговина со цел образовните системи во регионот да станат поотпорни, поинклузивни и подобро подготвени да одговорат на барањата на современото општество и пазарот на труд. Во Македонија, програмата „Зајакнување на учениците преку практично учење и климатско образование“ на Групацијата Нелт и УНИЦЕФ го унапредува средното стручно образование преку интегрирање на зелените вештини.

Македонски







