
До 17 ноември ќе биде отворен конкурсот за учество на Меѓународната изложба на творби „Творење и креирање на дела од отпад од пакување-2025“ за деца и младинци „Творење и креирање на дела од отпад од пакување-2025“ со наслов „Заедно за почиста животна средина“. Конкурсот е објавен од Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-Екопак” ДОО-Скопје во соработка со Детскиот ликовен центар на Република Македонија.
Како што информираат организаторите, на конкурсот ќе учествуваат ученици од основни и средни училишта од Македонија и соседните држави. Услови за учество: Мотивите, темите и материјалите за работа се по избор и консултација на учениците заедно со менторите-наставници и професори по ликовно образование во основните и средните училишта (возраст од 11-14 година) и средните училишта (возраст од 15-18 години).
Заинтересираните при создавањето на творбите како материјали можат да користат: пластични шишиња, лименки, картон, хартија и други отпадни материјали од пакување. Може да се учествува со изработени скици, цртежи, скулптури и колажи на хартија, картон (со димензија од блок бр.5), рељефи на картон во плиток или подлабок рељеф и скулптури од различни материјали со димензија до 1,00 метар). Творбите ќе се носат во просториите на Детскиот ликовен центар -Скопје, Здружението на ликовни педагози, на први кат во библиотека „Другарче – Кинотека”, на ул.„Никола Русински”-1, Карпош 3 – Скопје, спроти гимназијата „Никола Карев”- Скопје. По пошта-може да се испратат творбите изработени од хартија и картон. Фотографирани дела да се испратат по електронска пошта на: detskilikovencentar@gmail.com. Делата ќе бидат аранжирани до 26 ноември 2025 година.
-Следејќи ја петнаесет годишната традиција, Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-Екопак” во соработка со Детскиот ликовен центар и оваа година е поддржувач на настанот за подигање на јавната свест преку традиционалната манифестација за создавање на уметнички творби од отпад од пакување со цел за создавање на чиста животна средина. Оваа долгогодишна манифестација прерасна во препознатлив настан на младите генерации со порака, дека отпадот е употреблив материјал и ресурс и истиот се интегрира во воспитно-образовниот процес на Република Македонија, соопштија од Детскиот ликовен центар.
Посочуваат дека младите творци со креирањето на творби од отпад од пакување, ќе испратат порака дека сакаат да живеат во чиста животна средина.
Најдобро оценетите творби ќе бидат наградени и тоа за: Прво, Второ и Трето Место награди за Поединачни остварувања и награди за Групно дело. Стручна комисија ќе избере: Награда за најдобро групно дело- За групна изработка -со најмногу до 4 ученици; Награди за најдобри поединечни-индивидуални остварувања: За освоено прво, второ и трето место. Најдобрите дела од изложбата ќе бидат поставени од 28 ноември и во ТЦ. Сити мол.