Skip to main content

Во руски напад врз Криви Рих загинаа 4, повредени се 31 лице

Четири лица загинаа, а 31 се повредени во руски ракетен напад врз украинскиот град Криви Рих, кој се случи доцна синоќа. Спасувачките екипи утрово продолжија со потрагата по преживеани под урнатините.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека нападот погодил хотел во кој неодамна се сместиле хуманитарни работници од Украина, САД и Велика Британија.

Спасувачката операција во Криви Рих траеше цела ноќ. Балистичка ракета го погоди хотелот, а непосредно пред ударот таму се сместиле хуманитарни волонтери. Среќа во несреќа е што тие успеале навреме да ги напуштат собите. За жал, четири лица загинаа. На семејствата на загинатите им изразувам длабоко сочувство, напиша Зеленски на Телеграм.

Според гувернерот на Днипропетровската област, Серхиј Лисак, 14 од повредените се во тешка состојба. Украинските спасувачи соопштија дека досега извлекле 19 преживеани од под урнатините.

Освен хотелот, оштетени се 14 станбени згради, пошта и 12 продавници. Во друг руски напад со дрон врз североисточниот град Суми, загина едно лице, а оштетен е магацински комплекс.

Украинската армија соопшти дека Русија во текот на ноќта истрелала две балистички ракети и 112 дронови врз Украина. Напади со беспилотни летала погодиле и енергетска инфраструктура во регионот на Одеса, каде што се повредени двајца цивили.

Поврзани вести