
Во ОН денеска продолжуваат сослушувањата на кандидатите за функцијата нов генерален секретар на организацијата.
Кандидати се Мишел Башеле од Чиле, Рафаел Гроси од Аргентина, Ребека Гринспан од Костарика и Маки Сал од Сенегал, а доколку некоја од кандидатките ја добие довербата на членките на ОН, би било првпат во историјата на ОН на чело да се најде жена.
Новиот лидер на ОН ќе има огромна задача да ја оживее организацијата чиј, како што се наведува, углед значително опадна во последните години.
За време на вчерашните сослушувања кои траеја цел ден, на прашањата на државите членки на организацијата и групите на цивилното општество, Башеле и Гроси одговараа на теми кои се однесуваа на моменталната геополитика. Од петте постојани членки на Советот за безбедност – Велика Британија, Кина, Франција, Русија и Соединетите Американски Држави, само Велика Британија и Русија поставуваа прашања.
Башеле, која е номинирана од страна на Бразил и Мексико, рече дека ги разбира предизвиците со кои се соочува светската организација, а во своето воведно излагање се осврна на ширењето на вооружените конфликти во светот, забрзувањето на климатските промени, продлабочувањето на нееднаквоста, а го изнесе и тврдењето дека трите столба на ОН – мирот и безбедноста, развојот и човековите права – се неодвоиви.
Аргентинецот Гроси рече дека на институцијата ѝ треба реформа и непристрасно водство и го истакна својот пристап кон дипломатијата заснован на „фактот дека е присутен на теренот“, изјавувајќи во еден момент дека „на ОН не им требаат повеќе конференции“, туку повеќе акција.
– Оваа куќа не е создадена да биде институција која испраќа пораки од кула од слонова коска. Треба да ги решава проблемите на терен, што значи приспособување на ситуациите и разговор кога треба да разговараме, ангажман со сите, дури и кога се во војна едни со други – рече Гроси, пренесува Буенос Аирес Тајмс.
Тој истакна дека непристрасноста е токму она што е потребно и дека генералниот секретар на ОН „мора да ги отвори вратите кога ниту едни не се отворени“.
Денеска пред ОН треба да бидат сослушани Ребека Гринспан од Костарика и Маки Сал од Сенегал, а потоа следува избор.
Моментално има многу помалку кандидати за таа функција отколку во 2016 година, кога актуелниот претседател Антонио Гутереш од Португалија беше избран во конкуренција од 13 кандидати, од кои седум беа жени.
Според ротирачкото правило, по кое се менуваат регионите, новиот генерален секретар би требало да биде од Латинска Америка, а едно од правилата подразбира и дека првиот човек на организацијата никогаш не доаѓа од редовите на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – Британија, Кина, Франција, Русија и САД.

Македонски


