
Мажот кој вчера наутро се качи на долниот дел на кулата Елизабета на која се наоѓа Биг Бен во Вестминстер, се симна по 16 часа и беше уапсен, соопшти денеска британската полиција.
Тој вееше палестинско знаме и извикуваше „слобода за Палестина“, пренесоа британските медиуми.
– Соработувавме со други агенции, вклучително и лондонската противпожарна бригада, и распоредивме специјални полицајци за да го завршиме овој инцидент што поскоро, притоа минимизирајќи го ризикот по живот, рече портпаролот на полицијата.
Екипата за итни случаи се качи со помош на кран за да преговара со човекот.
На снимката што ја објавија британските медиуми, преговарачите на платформата изразуваат загриженост за повредата на неговите стапала, велејќи дека има „прилично многу крв“ и дека неговата облека не била доволно топла по заоѓањето на сонцето.
Но, мажот тврдеше дека е безбеден, истакнувајќи дека ќе се симне „по свои услови“.
Службите за итни случаи го затворија Вестминстерскиот мост поради инцидентот, а посетите на Парламентот беа откажани, јави Скај Њуз. Сите улици се повторно отворени откако мажот беше уапсен, додаде полицијата.