Skip to main content

Турскиот министер за надворешни работи Фидан заминува во САД на клучни стратешки разговори со државниот секретар Рубио

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан се очекува да има клучни стратешки разговори со неговиот американски колега Марко Рубио за време на неговото прво патување во Вашингтон по инаугурацијата на новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп, пишува весникот „Хуриет дејли њуз“.

Според турски дипломатски извори, Фидан утре и задутре (25 и 26 март) ќе престојува во Вашингтон, каде ќе се сретне со државниот секретар Марко Рубио и други високи американски претставници.

„Се очекува разговорите да бидат фокусирани на стратешките чекори кои можат да бидат преземени во билатералните односи меѓу Турција и САД, како и подготовката на претстојните посети на ниво на шеф на државата“, рекоа цитираните извори.

Посетата на Фидан на САД доаѓа неколку дена откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот американски колега Доналд Трамп го одржаа првиот телефонски разговор, потсетува изданието. По посетата на Фидан, се очекува и Ердоган да му гостува на Трамп во Белата куќа, пишува „Хуриет дејли њуз“.

Меѓу главните теми за кои ќе разговараат највисоките дипломати на двете земји се очекува да бидат напорите за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина, случувањата во Сирија и билатералните односи во контекст на унапредување на соработката во одбранбената индустрија, истакнаа изворите.

Поврзани вести