Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, по победата на претседателските избори на 5 ноември остварил неколку телефонски разговори со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, соопштија извори на унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Извори од унгарската влада рекоа дека Трамп побарал мислење од Орбан за завршување на војната во Украина, која трае од февруари 2022 година.
За време на претседателската кампања, Трамп ја критикуваше одлуката на администрацијата на Џо Бајден да и даде милијарди долари на Украина и постојано повторуваше дека може да ја заврши војната во рок од 24 часа по повторното влегување во Белата куќа.
Орбан, исто така, ја критикуваше помошта на Европската унија (ЕУ) за Украина и ги попречуваше европските санкции против Русија, а во декември, наводно, би можел да замине во мировна мисија за ставање крај на војната во Украина.
Извори на унгарскиот сервис на РСЕ сугерираат дека тоа би можело да вклучи пренесување на пораките на Трамп до Володимир Зеленски, Владимир Путин и кинескиот претседател Кси Џинпинг.
И покрај критиките од Брисел, Орбан отпатува во Москва во јули и се сретна со Путин, по разговорите со Зеленски, а потоа отпатува во Кина и на крајот во САД на средба со Трамп.