
мериканскиот претседател Доналд Трамп, за прв пат ја коментираше победата на Зохран Мамдани на изборите за градоначалник на Њујорк, обвинувајќи ги демократите за „екстремизам“ и тврдејќи дека резултатот го покажува она што, според него, Демократската партија сака да направи со земјата.
Зборувајќи во Мајами на Американскиот бизнис форум, Трамп рече дека победата на Мамдани, кого го нарече „комунист“, ги одразува политиките на демократите во Конгресот.
– Ако сакате да видите што демократите во Конгресот сакаат да направат со Америка, само погледнете ги резултатите од вчерашните избори во Њујорк, каде што нивната партија постави комунист за градоначалник на најголемиот град во земјата, рече Трамп.
– Се сеќавате кога реков дека никогаш нема да имаме социјалист на која било функција во нашата земја? Тоа е она што го реков … ги прескокнавме социјалистите, ги поставивме комунистите, додаде тој.
Трамп, сепак, рече дека е „отворен“ за соработка, иако претходно се закани дека ќе го намали финансирањето на градот.
Зборувајќи на економски самит во Мајами, Трамп повторно го нарече Мамдани „комунист“, но за прв пат наговести за можноста неговата администрација да продолжи да му помага на Њујорк.
– Комунистите, марксистичките социјалисти и глобалистите имаа своја шанса и не донесоа ништо друго освен катастрофа. А сега ќе видиме како ќе се снајде еден комунист во Њујорк, рече Трамп.
Ќе видиме како ќе испадне. И ќе им помогнеме. Ќе им помогнеме. Сакаме Њујорк да биде успешен. Можеби ќе им помогнеме малку, додаде тој.
Новите изјави на Трамп доаѓаат откако тој предупреди пред изборите дека, ако Мамдани победи, може да го ограничи федералното финансирање на неговиот роден град „на апсолутниот минимум што е законски потребен“.
Трамп додаде дека „Мајами наскоро ќе биде прибежиште за луѓето што бегаат од комунизмот во Њујорк“, тврдејќи дека демократите се „толку екстремни“.
Неговите коментари се првиот јавен одговор на изборниот резултат откако Мамдани ги победи републиканецот Кертис Слива и поранешниот гувернер Ендрју Куомо, кој овој пат влезе во трката како независен кандидат. Трамп јавно го поддржа Куомо еден ден пред затворањето на гласачките места.

Македонски






