
Американскиот сајт „Дејли бист“ денеска пишува дека на новинарско прашање „Кого го гледате како папа?“ американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот без двоумење одговорил: „Како папа? Би сакал јас да бидам папа“.
„Тоа би бил мојот избор број еден“, додал тој.
Новинарот повторно го прашал Трамп кого би сакал да го види на местото на папата Франциск кој почина минатиот понеделник, на што тој одговорил дека не знае и „нема преференции“. Трамп потоа го пофалил надбискупот на Њујорк, кардиналот Тимоти Долан.
Трамп себеси се смета за „христијанин кој не припаѓа на ниту една посебна група (деноминација)“ во рамките на таа религија.
Папата ќе се избира на конклава, заседание на кардиналите во Систинската капела во Ватикан, затворено за јавноста, што почнува на 7 мај. Кардиналите помлади од 80 години можат да избираат и да бидат избрани за нов папа.
Кардиналите гласаат тајно онолку пати колку што е потребно папата да биде избран со двотретинско мнозинство. Тие на ливчиња го испишуваат името на кандидатот за кого гласаат.
Првото гласање по сложената процедура би можело да биде на 7 мај дури во вечерните часови, а во следните денови се можни до четири гласања дневно – по две предпладне и п пладне.
По неуспешно гласање од оџакот на Систинската капела излегува црн чад, а штом папата биде избран чадот ќе биде бел. Чадот настанува со спалување на гласачките ливчиња помешани со хемикалии за да биде црн или бел.
Папата Франциск во 2013 година беше избран на вториот ден од заседанието на конклавата, во петтото гласање на кардиналите од почетокот на процесот.
Од изборот на папата ќе зависи дали Католичката црква ќе продолжи по релативно прогресивниот пат што го трасираше папата Франциск, или ќе се врати на потрадиционална доктрина, заклучува „Дејли бист“.
Извор: МИА