Skip to main content

Тајмс: Трамп се заканува со повлекување од мировните преговори ако до идната недела нема напредок

Американскиот претседател Доналд Трамп се заканува со напуштање на мировните преговори за Украина доколку идната недела не се постигне договор за Украина, јави денеска лондонски „Тајмс“ повикувајќи се на свои извори.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски моментално е под огромен притисок да го прифати американскиот предлог, наведува изданието.

Предлогот, како што е претставен од специјалниот пратеник Стив Виткоф, предвидува Вашингтон официјално да признае дека полуостровот  Крим е руски и де-факто признавање на руската контрола врз јужните и источните украински територии окупирани по 2022 година.

Ако Киев не го прифати предлогот, САД предвидуваат продолжување на војната „со месеци или со години“, при што Украина би била зависна само од европската финансиска и воена помош. Запирањето на американската помош би имало исто влијание како и прекин на испораките на оружје бидејќи Украина ги користи тие пари да купи оружје од останатите сојузници, нагласил изворот.

Администрацијата на Трамп очекува и промена на расположението во Европа поради растечкиот замор од војната и можната економска рецесија, поттикната делумно и од новите трговски царини. Во врска со ова, започнати се активни посреднички напори, а САД минатата недела ги предупредија страните дека ќе се повлечат доколку нема напредок.

Трамп неодамна изјави дека шанса за договор за мир во Украина сè уште постои, но дека прашањето за повлекувањето на Вашингтон ќе стане актуелно за „две недели“. 

Киев, пак, под лидерство на претседателот Володимир Зеленски, останува на ставот дека нема да прифати решенија кои подразбираат признание на руската окупација и инсистира на мировни преговори врз основа на меѓународното право. 

Поврзани вести