Skip to main content

Сириец осомничен за напад со нож кај Меморијалот на холокаустот во Берлин

Деветнаесетгодишен бегалец од Сирија е осомничен за напад со нож кај Меморијалот на холокаустот во Берлин, соопштија германските власти. Главното државно обвинителство во Берлин потврди дека нападот има антисемитска позадина.

Жртва на вчерашниот напад е 30-годишен шпански турист, кој е тешко ранет и по неколку операции е надвор од животна опасност. Осомничениот, кој живее во бегалски центар во Лајпциг, пристигнал во Германија во 2023 година како малолетник без придружба и добил азил. Тој бил уапсен три часа по нападот во рамки на голема полициска потрага и во текот на денов ќе биде изведен пред судија.

Обвинителството соопшти дека осомничениот изјавил дека со недели планирал убиства на Евреи и дека за време на нападот носел Куран и молитвен тепих. Додадено е дека нападот е поврзан со состојбата на Блискиот Исток.

Сенаторката за внатрешни работи на Берлин, Ирис Шпренгер, го осуди нападот, нарекувајќи го „неподнослив обид за убиство со антисемитска позадина, во срцето на споменикот на убиените Евреи“.

Нападот се случи два дена пред парламентарните избори во Германија, во чија кампања доминираше темата за криминалот меѓу странските државјани. 

Поврзани вести