
Седум земји членки на Европската Унија, меѓу кои Франција и Шпанија, ја критикуваа Словенија поради одлуката да го блокира именувањето на поранешната министерка за надворешни работи, Тања Фајон, за специјална претставничка на ЕУ за регионот Сахел во Африка, објави „Еурактив“, повикувајќи се на дипломатски извори.
Според порталот, Фајон, членка на Социјалдемократите, минатиот месец во последен момент била спречена да биде именувана на високата функција во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), по интервенција на владата на словенечкиот премиер, Јанез Јанша.
Под притисок од Љубљана, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, потоа предложила друга кандидатка – Биргита Нигор Маркусен, која на крајот била именувана на функцијата.
Во меѓувреме, словенечката влада поднесе кривична пријава против Фајон, тврдејќи дека го прекршила законот бидејќи, како министерка во заминување, не ја консултирала Владата пред да ја поднесе кандидатурата.
Фајон ги отфрли обвинувањата, оценувајќи дека станува збор за политичка одмазда со елементи на сексизам.
Според два извора запознаени со состанокот, при именувањето на новата кандидатка на 22 јули, претставници на седум земји членки изразиле поддршка за Фајон и го критикувале начинот на кој била спроведена постапката.
Франција изразила жалење поради, како што навела, недостигот на транспарентност во процесот на именување и оценила дека постапката не требало да се води надвор од официјалните процедури.
Шпанија, исто така, го довела во прашање начинот на кој е спроведена процедурата, наведувајќи дека немало доволно време за оценување на новата кандидатка и дека таа нема политички профил каков што има Фајон.
Белгија истакнала дека Каја Калас има право да предлага кандидати, но побарала правно толкување дали кандидатите за специјални претставници на ЕУ мора да имаат поддршка од своите национални влади.
Правната служба на Советот на Европската Унија одговорила дека такво барање не постои.
Романија, Луксембург и Словачка, исто така, го критикувале начинот на кој била спроведена постапката за именување.

Македонски


