
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека е пуштена за сообраќај уште една делница од автопатот Елбасан- Граничен премин Ќафасан, на албанско – македонската граница, кај Струга и дека работите продолжуваат со брзо темпо. Станува збор за делницата помеѓу селата Лабинот-Фуш до крајот на селото Мирак, и е втора делница која може да се користи, по онаа којашто беше пуштена за сообраќај во јуни пред две години.
Отворањето на овој сегмент го подобрува сообраќајот, ја зголемува безбедноста на патиштата, го скратува времето на патување и го олеснува транспортот на граѓани и стоки – напиша Рама во објава на социјалните мрежи, АТА.
Патниот сегмент Ќафасан – Елбасан, кој е дел од коридорот VIII, е од категоријата Б, во должина од 50,12 километри, се гради според стандарди за современ автопат, со две коловозни ленти во секоја насока, централен разделен појас, мостови, тунели и заштитни објекти покрај реката Шкумбин.

По завршувањето на проектот ќе може да се вози со брзина до 110 километри на час, а патувањето меѓу Елбасан и Ќафасан треба да се скрати на околу 30 минути, наспроти над час и половина, колку што претходно беше потребно.
Коридор 8 се протега од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија, минувајќи низ Албанија и Македонија. Во својата завршна форма, Коридорот 8 треба да вклучува и патни и железнички врски, при што патната мрежа моментално е завршена околу 70 проценти, додека на железничката рута сè уште недостасуваат прекугранични делови помеѓу Албанија, Македонија и Бугарија, чија целосна изградба и поврзување се планира да се заврши до 2030 година.

Македонски


