
Администрацијата на Трамп минатата недела објави проширување на таканаречената Политика на Мексико Сити, воспоставена од Роналд Реган во 1984 година. Оваа политика редовно ја поништува секој демократски претседател, а повторно ја воведува секој републиканец.
Претходно фокусирана на абортусот, политиката сега забранува и финансирање на групи кои работат на различност, еднаквост и инклузија, родов идентитет и трансродови права. Со неа се проширува износот на странска помош на околу 30 милијарди долари и се насочува кон повеќе групи, со цел да се вклучат организации со седиште во САД.
Програмите засновани на унапредување на раздорни социјални каузи, глобализам и други радикални идеологии немаат место во нашата нова архитектура на странска помош, се истакнува во дописот од Стејт департментот до американските мисии.
Новите правила ќе стапат на сила на 26 февруари. Ќе бидат вклучени во сите нови грантови и договори за соработка, а ќе се применуваат и во актуелните проекти, кога ќе треба да се исплати нова рата од договорот.
Од американските мисии во странство се бара да формираат тимови за ревизија на актуелните проекти и да достават списоци на организациите што одбиваат да се придржуваат. Ќе бидат издвоени и невладини организации што добиваат средства за вакви проекти и од други земји, не само од САД.
Според дописот, се забранува поддршка на групи што „обезбедуваат или промовираат абортус како метод на планирање на семејството, родова идеологија, дискриминаторска идеологија за еднаквост, оние што се вклучени во незаконска дискриминација поврзана со различност, еднаквост и инклузија, или им обезбедуваат финансиска поддршка на други групи вклучени во овие активности“.
Трамп на почетокот на својот втор мандат ја укина главната агенција за странска помош УСАИД, а неговата администрација ги затвори и сите домашни програми за федерална помош на иницијативи за различност и инклузија на трансродови лица.
Невладини групи ги критикуваат новите правила како „уште еден удар врз секторот кој се бори за живот“ и за „замолкнување на граѓанското општество во земјите во развој“.
Во дописот од Стејт департментот, сепак, се истакнува дека државниот секретар Марко Рубио ќе има право да издаде ограничени ослободувања, за да се осигури дека спроведувањето на новите правила нема прекумерно да ги наруши тековните програми за спасување животи, реагирањето при катастрофи и другите критични приоритети.

Македонски



