Украина нема капацитет да ја добие војната и да ги врати сите територии заземени од Русија, иако досега беше убедувана во спротивното, оваа војна не може да заврши со целосен победник и поразен, изјави синоќа државниот секретар на САД Марко Рубио, во радио-интервју со Мегин Кели.
-Како прво, ги осудуваме постапките на (рускиот претседател Владимир) Путин – неговата инвазија на Украина и ужасните злосторства што ги извршува. Но, нечесноста на ситуацијата лежи во тоа што на луѓето им беа всадени лажни очекувања дека Украина не само што ќе ја победи Русија, туку и дека може да ја уништи, да ја врати назад – во онаа состојбата во која се наоѓаше светот во 2012 или 2014 година, пред анексијата на Крим, изјави шефот на Стејт департментот.
Според Рубио, како резултат на ова, војната западна во ќор-сокак, а изминатата година и пол САД се принудени да ја финансираат оваа безизлезна ситуација, наместо да стават крај на човечките страдања.
Рубио нагласи дека „Украина е вратена 100 години назад“, нејзиниот енергетски систем е целосно разрушен и некој ќе мора да плати за неговата обнова. Освен тоа, вооружените сили на Украина губат сè повеќе територии, значителен дел од населението ја напушти земјата и можеби нема да се врати, па иднината на државата е под закана и војната мора итно да заврши.
Од друга страна, Рубио истакна дека и Русија не треба да смета на „победа“ – и таа ќе мора да се откаже од нешто и да направи концесии. Какви точно, тоа ќе се утврди за време на преговорите. Рубио не соопшти какви би биле можните услови на договорот.
На прашањето кој претставува главна пречка за постигање мир, дали Путин или претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со оглед на тоа што и двајцата претходно давале категорични изјави, државниот секретар одговори дека тука треба да се прави разлика меѓу јавните настапи и реалните преговори. Според Рубио, Путин, кој има контрола врз речиси сите медиуми во Русија, се грижи за својот внатрешен рејтинг и внимателно гради имиџ на „силен лидер“, додека Зеленски, чија земја сериозно настрада од агресијата, не може да им каже на Украинците дека ќе мора да предадат дел од територијата, бидејќи тоа би предизвикало огромно незадоволство.
-Но реалноста е дека двете страни трпат огромни загуби. Оваа војна нема да заврши со целосна победа и целосен пораз. А постигањето мир ќе бара тешка дипломатска работа… Тоа нема да биде лесно и ќе одземе време, но е неопходно, заклучи Рубио