Skip to main content

Рој дронови забележан над белгиска воена база

Петнаесет дронови биле забележани како летаат над белгиската воена база Елсенборн во покраината Лиеж, потврди кабинетот на белгискиот министер за одбрана Тео Франкен. Настанот бил откриен случајно за време на тестирање на систем за надзор, а армијата на Белгија покрена истрага.

Според информациите, дроновите биле забележани околу 1:45 часот по полноќ во петокот. Базата Елсенборн, која се наоѓа на неколку километри од границата со Германија, се простира на површина од 28 квадратни километри и служи како воен полигон за обука и вежби со огнено оружје.

Како што јави белгиската телевизија VRT News, откривањето било случајно – токму во моментот кога во базата се тестирал систем за детекција на дронови.

Се претпоставува дека дроновите полетале од територијата на Белгија и продолжиле кон Германија, каде што биле забележани и од локалната полиција во градот Дирен.

Засега не е познато од каде потекнуваат дроновите и кој управувал со нив. Белгиската армија соопшти дека истрагата е во тек.

Поврзани вести