Skip to main content

„Рајанер“ ги именуваше аеродромите со долги редици за гранични проверки во ЕУ

 Авиокомпанијата „Рајанер“ (Ryanair) идентификуваше седум популарни европски аеродроми каде патниците се соочуваат со долги доцнења поради новите гранични проверки на ЕУ.

Од компанијата соопштија дека аеродроми кои особено се мачат со Системот за влез/излез (ЕЕС) се Тенерифе Југ, Палма, Аликанте и Малага, сите во Шпанија; Милано Бергамо во Италија; Краков во Полска; и Париз Бове во Франција.

Од „Рајанер“ наведоа дека овие локации „не се подготвени“ да се справат со големиот број на патници за време на шпицот на летната сезона поради „недоволен број персонал, киосци и недоволна подготвеност на системот“.

Во меѓувреме, шефот на пристаништето во Довер во Обединетото Кралство предупреди дека тоа ќе се соочи со „повторливи епизоди на сериозен застој“ во текот на летото доколку нема поголема флексибилност во системот ЕЕС.

Генералниот директор Даг Банистер предвиде дека автомобилите во редици ќе се „прелеваат од пристаништето на јавните патишта со милји“ доколку нешто не се промени, додавајќи дека „локалното влијание би можело да биде катастрофално“.

Системот ЕЕС, кој беше целосно имплементиран во април, вклучува земање отпечатоци од прсти и фотографирање на граѓаните од трети земји, како што е Обединетото Кралство, за влез во Шенген зоната, која се состои од 29 европски земји, главно членки на Европската Унија.

За повеќето патници од Обединетото Кралство, овој процес се одвива на странските аеродроми, но се спроведува и во пристаништето во Довер, терминалот на Евротунел во Фолкстон и на железничката станица Сент Панкрас во Лондон.

„Рајанер“ им препорачува на патниците кои патуваат меѓу Шенген и не-Шенген дестинации ова лето да пристигнуваат на аеродромите порано од вообичаено, предупредувајќи дека семејствата „се соочуваат со хаос во редиците за пасошка контрола“ поради ЕЕС.

Авиопревозникот со седиште во Даблин ги повика европските влади да го „суспендираат воведувањето“ на ЕЕС до септември, со цел да се избегне патниците да трпат „долги и непотребни редици на пасошката контрола“.

Авиокомпанијата соопшти дека побарала акција од владите на „најизложените земји“, но дека имало „нула одговор за решавање на овој голем предизвик“, пренесе ДПА.

Главниот оперативен директор на „Рајанер“, Нил Мекмахон, изјави: „Како што завршува училишната година и Европа влегува во најфреквентниот период за патување во годината, јасно е дека ЕЕС сè уште не е подготвен за летните шпицови.“

– Патниците и семејствата не треба да се користат како заморчиња за полупечен систем за пасошка контрола што ризикува да создаде долги редици, пропуштени летови и непотребен стрес на аеродромите ова лето – додаде тој.

– Наједноставно е да се одложи ЕЕС до септември, како што веќе направија други земји од ЕУ, како Грција – рече тој.

Пристаништето во Довер прогласи „критичен инцидент“ за време на мајскиот училишен распуст во Обединетото Кралство, откако времето на чекање достигна четири и пол часа.

Во писмо до Комитетот за бизнис и трговија (BTC) на Долниот дом на британскиот Парламент, Банистер напиша дека тоа се случило во ден со околу 8.500 туристички возила, додека во наредните недели дневниот сообраќај ќе надмине 12.000 возила.

Тој опиша како пристаништето „интензивно работело“ за да се подготви за ЕЕС. Ова вклучувало инвестиција од 40 милиони фунти (53,5 милиони долари) во наменски изграден објект за обработка на патниците надвор од главната локација со цел да се минимизираат прекините, но тој не се користи како што било замислено поради „нефункционалноста на технологијата на киосците за ЕЕС“, што е „целосно надвор од контрола на пристаништето“.

Говорејќи во Парламентот, пратеникот од Лабуристичката партија, Лиам Брн, кој претседава со BTC, рече дека „моделирањето е направено“ и дека „го знаеме хаосот што ќе следи“, прашувајќи го министерот за бизнис Питер Кајл што ќе преземе за „да осигура дека ќе ја избегнеме оваа опасност“.

Кајл одговори: „Министерството за транспорт е ангажирано во ова, а исто така и односите што ги имаме со ЕУ – благодарение на тоа што се функционални и продуктивни – се прашања на кои работиме со нив за да се осигураме дека сценариото што тој го опишува како најлошо, нема да се оствари“.

Поврзани вести