
Светот доживува радикални промени, либералниот модел на глобализација е застарен, а униполарниот систем на меѓународни односи е минато, оцени рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето преку видеоконференциска врска на самитот на БРИКС што започна денеска во Рио де Жанеиро.
Путин ги повика и земјите од БРИКС да ја зајакнат својата соработка во голем број области, како што се природните ресурси, логистиката, трговијата и финансиите.
– Промената во светскиот економски модел продолжува да добива на интензитет. Сè покажува дека либералниот модел на глобализација завршува. Центарот на економската активност се префрла на пазарите во развој, што предизвикува моќен бран на раст, вклучително и во земјите од БРИКС. Светот доживува радикални промени. Униполарниот систем на меѓународни односи, кој им служеше на интересите на таканаречената златна милијарда, е минато. И се заменува со поправеден мултиполарен свет, изјави рускиот претседател.
Путин нагласи дека економските индикатори покажуваат дека БРИКС значително ги надминува другите групации земји, вклучувајќи ја и Г-7, каде што вкупниот бруто домашен производ е за една четвртина помал според податоците за 2025 година.
Земјите од БРИКС, како што посочи, сочинуваат 40% од светската економија, а нивниот вкупен БДП достигнува 77 трилиони долари. Ова значително ги надминува индикаторите на земјите од Г-7, каде што вкупниот БДП изнесува само 57 трилиони долари.