
Венецуелскиот активист за човекови права Хавиер Таразона е ослободен од затвор, соопшти денеска групата правни активисти „Foro Penal“, во рамките на процесот за ослободување на политичките затвореници за кој семејствата на притворените наведуваат дека се одвива премногу бавно.
Како што денеска додадоа од оваа организација, уште неколку затвореници се пуштени заедно со Таразона од „Хеликоиде“.
Таразона е директор на „FundaRedes“, мрежа која ги следи наводните злоупотреби на колумбиските вооружени групи и венецуелската војска долж границата на земјата. Тој беше уапсен во јули 2021 година и обвинет за тероризам и заговор.
„По четири години и седум месеци, осамна денот што толку многу го посакувавме, мојот брат Хавиер Таразона е слободен“, напиша братот на Таразона, Хосе Рафаел на Х.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, во петокот најави предлог-закон за „амнестија“ за стотици затвореници во земјата и рече дека озлогласениот притворски центар „Хеликоиде“ во главниот град Каракас, кој групите за човекови права одамна го осудуваат како место за злоставување на затворениците, ќе биде претворен во центар за спорт и социјални активности.
„Foro Penal“ соопшти дека повеќе од 300 политички затвореници се пуштени на слобода откако владата на 8 јануари објави нова серија ослободувања.
Владините претставници, кои негираат дека држат политички затвореници и тврдат дека затворените сториле злосторства, соопштија дека се ослободени многу поголем број осуденици – повеќе од 600.
Владата на Венецуела никогаш не достави официјална листа за тоа колку затвореници ќе бидат пуштени, ниту кои се тие.
Семејствата на затворениците тврдат дека процесот на ослободување напредува премногу бавно, а „Foro Penal“ наведува дека повеќе од 700 политички затвореници сè уште се во затвор.

Македонски



