Skip to main content

Орбан: Интеграцијата на Украина во ЕУ ќе го спречи развојот на Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека евентуалниот прием на Украина во ЕУ, на кој инсистираат Брисел и опозициската партија Тиса, ќе го загрози развојот на Унгарија.

„Нашата земја се соочува со сериозна закана: влез на Украина во ЕУ. Оваа опасност ни е над глава. Вчера во Брисел беше претставен пакет за забрзување на пристапувањето на Украина во ЕУ. Ако тоа се случи, сите пари на Унгарците ќе треба да се потрошат за нашиот источен сосед“, рече Орбан на отворањето на последната делница од автопатот М-44.

Тој истакна дека „не само што нема да стигнат средствата од ЕУ што и припаѓаат на Унгарија, туку дури и парите од унгарскиот буџет ќе завршат во Киев, па долго време нема да се гради ништо, а камоли пат“, пренесува унгарски Немзет.

Орбан го повика унгарскиот народ на референдум да го изрази своето мислење за влезот на Украина во ЕУ.

„Во наредните години ова прашање за членството на Украина во Европската унија ќе биде најважното прашање во унгарската политика. Позициите се јасни: Брисел и партијата Тиса се за членство на Украина, а ние, националните сили, сме против тоа“, рече Орбан.

Според него, Брисел сака проукраинска влада во Унгарија која ќе ги исполни барањата на Киев. „Тоа се однесува на пактот Брисел-Тиса. Брисел помага да се загрози економскиот развој на Унгарците со поддршка на партијата Тиса, која, пак, го поддржува членството на Украина и економската и воената помош за Украина“, рече тој.

Орбан нагласи дека во последните денови започна нова ера во унгарската политика, а „Брисел и Тиса отворено признаваат дека целта им е да го уништат животниот стандард на Унгарците“.

„Тие сакаат и работат на тоа нашата земја да пропадне… Нема да дозволиме тоа да се случи, ќе ја направиме Унгарија успешна, без разлика колку и да се обидуваат да ја исфрлат нашата земја од колосек. Тоа е голема борба, тие мора да престанат заедно со Украина. Тоа е голема задача, но ние не се плашиме“, рече премиерот на Унгарија.