
Новата чешка Влада, на денешната прва седница, го отфрли пактот за миграција на Европската Унија и планот за тргување со емисии ETS2.
Согласно предизборните ветувања, партијата АНО на милијардерот и премиер Андреј Бабиш и неговите десничарски партнери во владејачката коалиција, веднаш се фокусираа на миграцијата и на системот за тргување со емисии ЕТС2.
Владата тврди дека дозволените прагови на емисии на ЕТС2, кои треба да стапат во сила во 2028 година, ќе доведат до поскапување на цените на енергенсите за чешките домаќинства и ќе ја загрозат конкурентноста на европската индустрија.
Нема да продолжиме со спроведувањето на оваа ЕУ директива, рече Бабиш на прес-конференција, додавајќи дека неговата Влада, која ја презеде функцијата вчера, ќе бара сојузници во Унијата за да се укине планот.
Владата на Бабиш, исто така, повика на поостар став по прашањето за миграцијата во Чешка, построга политика за враќање на мигрантите и построги правила на ЕУ за миграција од договорените.
Пактот за миграција на Европската Унија, кој стапува во сила во јуни 2026 година, ги менува правилата за постапување со илегалните мигранти. Вклучува мерки на „солидарност“ кои вклучуваат преместување на мигранти во други земји или можна финансиска и оперативна помош.
Со оглед на тоа што прифати околу 400.000 украински бегалци, Чешка е изземена од тоа за следната година.
Чешка и другите земји-членки од Источна Европа долго време се спротивставуваат на притисокот од Брисел да прифатат мигранти, од кои повеќето и онака сакаат да се населат во побогатите западни членки на ЕУ.

Македонски






