Централната изборна комисија во Белорусија го прогласи седми пат по ред Александар Лукашенко за победник на претседателските избори, кои беа критикувани како нефер и неслободни. Според државната новинска агенција Белта, шефот на државата поддржан од Русија, кој е на власт 30 години, според прелиминарните резултати добил 86,82 отсто од гласовите. Ова го соопшти Игор Карпенко, претставник на Информативниот центар на белоруската Централна изборна комисија
Тој потврди дека противкандидатот на Лукашенко Олег Гајдукевич освоил 2,02 отсто од гласовите, кандидатката Ана Канопатскаја 1,86 отсто, Сергеј Сиранков 3,21 отсто и Александар Кизњак 1,74 отсто од гласовите.
Овој наводен удел на гласови е најголемиот досега доделен на Лукашенко. Излезноста на гласачите во земјата, која често се нарекува последна европска диктатура, беше 85,7 отсто, што е повисоко отколку во 2020 година (84,38 отсто). Лукашенко тогаш беше прогласен за победник со 80,1 отсто од гласовите.