Skip to main content

Курдите на масовни протести бараат децентрализација во североисточна Сирија

levi-meir-clancy-on-unsplash
levi-meir-clancy-on-unsplash

Неколку илјади лица демонстрираа во Камишли, во североисточниот дел на Сирија, управуван од Курдите, барајќи децентрализација, додека преговорите со Дамаск за иднината на регионот се во застој.

Во Сирија има големи тензии меѓу исламистичката влада, која лани во декември го собори поранешниот претседател Башар ал-Асад  и Курдите, кои бараат систем на владеење што ќе зачува дел од автономијата што тие де факто ја уживаат.

Дамаск, од своја страна, отфрла секаква форма на децентрализација.

Како што објавија француските медиуми, на протестот, насобраните виореле знамиња на автономната администрација и на Сириските демократски сили (СДФ), вооруженото крило на Курдите поддржано од Вашингтон.

Доколку не се реши курдското прашање Сирија никогаш нема да биде демократска држава и кризата никогаш нема да заврши, порача на митингот лидерот на Курдите во регионот, Алдар Халил, додавајќи дека Курдите сакаат децентрализација за цела Сирија, а не само за нивниот регион.

Лидерот на СДФ, Мазлум Абди, и привремениот претседател Ахмад ал-Шара на 10 март постигнаа договор со цел интегрирање на курдските институции во сириската држава.

Оттогаш се одржаа неколку неуспешни преговарачки сесии бидејќи Курдите ја критикуваа уставната декларација со која на Шара му се даваат целосни овластувања, како и формирањето влада што не ги претставува сите заедници во Сирија.

Сирија треба овој месец да организира индиректни избори за членови на парламентот. Меѓутоа, Дамаск соопшти дека го одложува гласањето во покраината Свеида, каде што мнозинството се Друзи, како и во покраините Рака и Хасака, кои се под контрола на Курдите, наведувајќи „безбедносни предизвици“.

Изборниот процес ќе се одржи само во областите под контрола на владата на Шара.

Поврзани вести