Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, бил на аеродромот во Сана во Јемен за време на израелски воздушен напад.
Гебрејесус објави на платформата „X“ дека еден од членовите на екипажот на неговиот авион е повреден.
Пред околу два часа, додека се подготвувавме да се качиме на нашиот лет од Сана, аеродромот беше бомбардиран од воздух. Еден од членовите на екипажот на нашиот авион е повреден. Најмалку две лица загинаа на аеродромот. Оштетени се кулата за контрола на летање, салата за поаѓање – на само неколку метри од местото каде што бевме – и пистата. Ќе мора да почекаме да се санира штетата на аеродромот пред да полетаме“, соопшти Гебрејсус.
Фотографиите објавени на социјалните мрежи, наводно, покажуваат оштетена кула на аеродромот во Сана.
Освен врз аеродромот, израелските воздухопловни сили извршија напади и врз објекти во пристаништето Ходеида, електрани и нафтени постројки.