Skip to main content

Хамас ослободи уште тројца заложници, се очекува ослободување на 183 Палестинци од израелски затвори

Палестинското движење Хамас денеска им предаде уште тројца израелски заложници на претставници на Црвениот крст во градот Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа, објавија медиумите во Израел.

Телевизиите објавија снимки на кои се гледа како групата ги ослободува Охад Бен Ами и Ели Шараби, двајцата заробени во Кибуц Беери на 7 октомври, како и Ор Леви, кој беше заробен за време на музичкиот фестивал Нова.

Во замена, Израел ќе ослободи 183 палестински затвореници, од кои 18 отслужуваат доживотни затворски казни и 111 заробени за време на војната во Газа.

Десетици маскирани и вооружени припадници на Хамас беа во Деир ал Балах, каде што беше планирано заложниците да му бидат предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), кој потоа ќе ги пренесе до израелските сили во Газа. Покрај борците на Хамас, на местото на размена се собра и голема толпа палестински цивили.

Ова е петта размена на заложници за палестински затвореници од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари. Досега Хамас ослободи 18 заложници, а од израелските затвори се пуштени повеќе од 550 Палестинци.

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас ја запре 15-месечната војна во Појасот Газа, во која според палестински извори, се убиени повеќе од 47.000 луѓе.

И покрај некои превирања, примирјето постигнато со посредство на САД и Египет, досега се почитува.

Ненадејниот повик на американскиот претседател Доналд Трамп за Палестинците да се преселат од Газа и Вашингтон да ја преземе контролата врз палестинската енклава за да го претвори Појасот Газа во „ривиера на Блискиот Исток“, сепак, ги зголеми стравувањата дека прекинот на огнот може да пропадне, забележуваат агенциите.

Поврзани вести