
Официјалната дефиниција за невработеност е многу тесна и исклучува голем број луѓе кои се всушност невработени.
Затоа индикаторот за таканаречената вишок работна сила е подобар бидејќи ги вклучува и оние групи кои не се препознаваат како невработеност.
Според податоците на Евростат, во вториот квартал од 2025 година во ЕУ имало 13,3 милиони невработени лица на возраст од 15 до 74 години. Меѓутоа, кога ќе се вклучат и оние од „скриена невработеност“, бројката се искачува на 26,8 милиони. Стандардната дефиниција исклучува три клучни групи:
-луѓе кои би можеле да работат, но не бараат активно работа
-работници со скратено работно време кои сакаат да работат повеќе
-оние кои бараат работа, но моментално не се достапни
Заедно, овие групи ја сочинуваат таканаречената вишок работна сила.
Во просек, вишокот работна сила во ЕУ во вториот квартал од 2025 година изнесувал 11,7 проценти. Ова вклучува 5,8 проценти од невработените, 2,6 проценти од оние кои би работеле, но не бараат работа, 2,4 проценти од оние кои се недоволно вработени и 0,9 проценти од оние кои бараат работа, но не се веднаш подготвени да почнат да работат, објавува „Еуроњуз“.
Најнизок вишок на работна сила е забележан во Полска (5,1 процент), Словенија (5,3 проценти), Малта (5,4 проценти) и Бугарија (5,5 проценти). На другиот крај од скалата е Турција со дури 25,8 проценти. Многу високи стапки се забележани и во Финска (19,5 проценти), Шведска (18,8 проценти) и Шпанија (18,6 проценти).
„Скриената невработеност“ е висока и во Босна и Херцеговина (17,1 процент), Франција (15,4 проценти) и Италија (15 проценти). Меѓу големите членки на ЕУ, Германија е рангирана највисоко со 7,8 проценти, единствената под европскиот просек. Франција, Италија и Шпанија се меѓу земјите со двоцифрени стапки.
Зошто разликите се толку големи?
Експертите посочуваат неколку причини:
-постојано висока невработеност, која ги обесхрабрува луѓето дури и да бараат работа
-слаби системи за поддршка, како што се недостатокот на градинки или -традиционалните општествени норми што го попречуваат вработувањето на жените
-недостаток на квалитетни работни места што ги задоволуваат потребите и очекувањата на работниците
-несовпаѓање помеѓу вештините и потребите на пазарот на трудот, така што луѓето, и покрај нивното образование, не можат да најдат работа
„Децениите висока невработеност создадоа верување дека барањето работа е залудно. Луѓето престануваат да бараат, иако би работеле доколку им се даде можност“, објаснува Доротеа Шмит-Клау од Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Достапни, но не бараат работа
Втората најголема група во вишокот на работна сила се луѓето кои би можеле да работат, но не бараат работа. Нивниот удел варира од само 0,3 проценти во Чешка до дури 12,3 проценти во Турција. Италија (6,6 проценти) и Шведска (4,4 проценти) исто така имаат високи удели, додека Шпанија има само 2,8 проценти, иако е лидер во ЕУ во однос на невработеноста.
Недоволно вработени, со скратено работно време
Голем проблем во некои земји се луѓето кои работат со скратено работно време, но сакаат повеќе часови. Највисоки стапки се во Холандија (5,1 процент), Финска (4,8 проценти) и Ирска (4,7 проценти), а високи стапки се забележани и во Швајцарија, Турција и Шпанија.
Кога невработеноста е само една третина од проблемот
Во некои земји, невработеноста сочинува само една третина од вкупната вишок работна сила.
Таков е случајот во Холандија, Турција (33 проценти), Ирска и Швајцарија (36 проценти).
Со други зборови, голем број невработени лица не се опфатени ниту со стандардните стапки на невработеност, што потврдува колку е важно да се погледне пошироката слика, пишува Euronews.