Европска Унија и Мексико ги обновија закочените преговори за унапредување на договорот за слободна трговија, само неколку дена пред враќањето на претседателската функцијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој се закани со царини.
ЕУ и Мексико во преговорите бараат ажурирање на нивниот трговски договор, кој датира од 2000 година и ги опфаќа само индустриските стоки, а истовремено бараат да се регулира партнерството во услужниот сектор, државните набавки, инвестициите и земјоделското производство.
Првичниот договор помеѓу ЕУ и Мексико беше постигнат во 2018, а финализиран во 2020 година, според кој двете страни треба меѓусебно да си обезбедат реципрочен пазарен пристап до тендерите во секторот за јавни набавки.
Според условите договорени во 2020 година, практично целата трговија со стоки ќе биде без царина, вклучувајќи ги и земјоделските производи како што се мексиканското пилешко и аспарагус и европските млечни производи.
Договорот, на пример, ќе ги намали мексиканските царини до 20 отсто за сирењата како што е горгонзола и ќе го зголеми извозот на свинско месо во ЕУ. Ова, исто така, ќе им овозможи на мексиканските компании да конкурираат за јавни договори во Европа и компаниите од ЕУ да конкурираат за оние во Мексико, вклучително и на државно ниво, соопшти Европската комисија.
За Мексико, кое сака да ја намали својата зависност од САД, договорот ќе му овозможи подобар пристап за производите, вклучувајќи сок од портокал, туна, аспарагус, мед, албумин од белка од јајце, како и „фер пристап“ за месните производи.
Предвидено е и признавање на географски ознаки за одредени видови храна и пијалаци.