Skip to main content

ЕУ ги заострува ограничувањата за штетни супстанции

Magnific

Европскиот парламент изгласа заострување на граничните вредности за неколку хемикалии, за да воведе ограничувања за штетни супстанции, со оглед на тоа што ракот е водечки причинител за смрт поврзана со работата во Европската Унија, пренесува денеска Шпигел.

Се очекува новите ограничувања за разни канцерогени загадувачи да ја подобрат заштитата, посебно од рак на белите дробови, во производството на батерии и челик, и да спречат повеќе од 20.000 случаи на оваа болест во текот на следните 40 години.

Новите ограничувања се применуваат, меѓу другото, на соединенија на кобалт кои се користат во производството на батерии за електрични возила со што, според податоците на Европската комисија, се засегнати 113.000 работници. Кобалтот се смета за канцероген, а во некои случаи и за мутаген метал. Пониски граници на изложеност ќе важат и за јаглеводородите од производството на метали и за 1,4-диоксан, кој се користи во хемиската и текстилната индустрија.

Членовите на парламентот така го потврдија компромисот кој парламентот веќе го постигна со преговарачите од земјите членки во јуни, а новите правила имаат за цел да спречат околу 1.700 случаи на рак на белите дробови и 19.000 други болести во текот на следните 40 години.

Индустријата има шест години да се приспособи на новите ограничувања, а во текот на овој преоден период ќе се применуваат постепено построги ограничувања. Официјалното одобрување од земјите членки на ЕУ сè уште се чека, но по претходниот компромис, ова одобрување се смета за формалност.

Поврзани вести