Skip to main content

Ердоган вели дека Турција работи на воспоставување мир во војната на САД и Израел против Иран

Facebook / Recep Tayyip Erdoğan
Фото: Facebook / Recep Tayyip Erdoğan

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе продолжи да работи со сите свои ресурси за да воспостави мир во војната на САД и Израел против Иран, за која рече дека ги погодила турската економија и целиот свет.

Ердоган, како што пренесе „Ал џезира“ исто така, рече дека владата разгледува различни мерки за заштита на економијата од војната, која го зафати регионот и предизвика нагло зголемување на цените на енергијата.

Во исто време, агенцијата Анадолија јави дека Ердоган рекол оти Турција низ тековниот блискоисточен конфликт управува внимателно и разумно, со зачувување на братството и соседските односи.

– Не паѓаме во стапиците што ни се поставени – рече Ердоган во говор по седницата на кабинетот во Анкара, нагласувајќи дека Турција е „решена да се држи настрана од огнениот прстен“.

– Изминатите 25 дена покажаа дека, иако ова е израелска војна, целиот свет ја плаќа цената; ова е војна за опстанок на Нетанјаху, но трошоците ги сносат осум милијарди луѓе – рече тој.

– Бескомпромисниот, максималистички и радикален став на Израел не смее да ги поткопа дипломатските решенија – нагласи турскиот претседател.