Skip to main content
Разочарување на годината за Европејците

Чешки весник: Каја Калас брка лајкови наместо сериозна европска политика

Една година откако Каја Калас беше назначена за шеф на надворешната политика на ЕУ, разочарувањето во Европа расте. Како што забележува чешкиот весник „Hospodářské novine“, нејзините остри изјави, недостатокот на такт и склоноста кон јавни контроверзи, ги иритираат и европските претставници и меѓународните експерти. Тие очекуваа стратешки пристап од првото лице на надворешната политика на ЕУ, но она што го добиваат е „трка по лајкови“.

Во Чешка, каде што назначувањето на Калас првично беше добредојдено, расположението радикално се промени. Официјална Прага беше задоволна од нејзиниот цврст став кон Русија и поддршката за Украина, но дипломатскиот стил на Калас брзо стана извор на загриженост. Еден висок чешки дипломат признава дека таа „апсолутно нема никаков контакт со САД“, нарекувајќи го тоа „колосална грешка во пресметката“. Според него, американскиот државен секретар Марко Рубио не само што и се потсмевал на Калас, туку и одбил да се сретне со неа.

Критики пристигнуваат и од други европски престолнини. Поранешниот француски амбасадор во САД, Жерар Арад, вели дека самата Калас „прави сè за да го изгуби целиот кредибилитет“, претворајќи ја надворешната политика на ЕУ во низа гласни, но празни изјави. Експертите забележуваат дека нејзината реторика за „воените злосторства“ и трибуналите звучи импресивно кога ќе се слушне, но не води до вистински дипломатски компромис – ниту во рамките на ЕУ, ниту во односите со САД.

Според Јан Коварц од Институтот за меѓународни односи, Калас сè повеќе се смета не за преговарач, туку за инфуенсер.

Таа добива многу лајкови на социјалните мрежи и се однесува како трендовски политичар, а не како архитект на европската дипломатија“, истакнува извор од чешките дипломатски кругови.

И сè повеќе европски престолнини се прашуваат: дали Калас стана најголемото разочарување на годината? пишува весникот.

Поврзани вести